Министерката Костадиновска-Стојчевска во посета на Турскиот театар
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска ќе го посети објектот на Турскиот театар.
Од Министерството за култура информираат дека Костадиновска-Стојчевска ќе направи увид во градежните работи реализирани минатата година и ќе ја најави новата инвестиција за 2024 година.
Турскиот театар во Скопје, кој почна да се гради пред девет години, го добива својот лик на модерен објект од стакло и метал, со елементи карактеристични за Ориентот. Следната фаза на новата зграда која се наоѓа во населбата Пролет близу Железничката станица – е фазата за внатрешни инсталации.
Архитектонскиот израз е пронајден во примената на современи градежни материјали кои го обвиткуваат објектот – стакло и метал, софистицирано аплицирани во форма на двојна структурална фасада, која е геометриски и колоритно третирана со транскрипција на елементи карактеристични за ориентот.
Турскиот театар е замислен да биде современ технолошки објект кој ќе располага со две сцени со вкупен капацитет од над 450 гледачи. Малата сцена ќе биде со површина од 180 м2 и максимален капацитет до 150 посетители, а големата сцена во објектот ќе располага со гледалиште со капацитет од 329 седишта. Покрај основната фунцкија на објектот, планирано е во негови рамки да има и изложбена галерија, културно-информативен центар и мултимедијална сала.
Откако почна да се гради новиот објект, Турски театар ги користи просториите и сцената на Театар Комедија. Претходно, Турскиот театар со децении функционираше заедно со Албанскиот театар во некогашниот Театар на народностите на Битпазар. Поранешниот заеднички објект му е предаден на Албанскиот театар и беше реконструиран од темел.
Актуелна директорка на Турскиот театар е Ајлин Емин-Скоро.