Министерката Димитриеска-Кочоска на Пролетните средби на ММФ и СБ во Вашингтон


Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска од денеска до 26 април ќе учествува на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка коишто се одржуваат во Вашингтон.

Учеството ќе биде можност министерката да оствари средби со високи претставници на ММФ и СБ, на кои ќе ги претстави остварувањата и идните планови за фискалната политика и реформските чекори што ги презема Владата во управувањето со јавните финансии, а со цел одржување макроекономска стабилност.

Таа ќе оствари средби со извршниот директор во ММФ Јерон Клик, директорот на Европскиот оддел во ММФ Алфред Камер и шефот на Мисијата на ММФ за РС Македонија Анет Кјоб. Воедно, ќе се сретне и со претставници од Одделот за фискални прашања при Меѓународниот монетарен фонд. 

Министерката ќе оствари средби и со високи претставници на Светската банка, односно со извршниот директор во Светската банка Јуџин Ругенат, потпретседателката Антонела Басани, регионалната директорка за Западен Балкан, Европа и Централна Азија Шиаочин Ју, како и со директорот за земјава во СБ Масимилијано Паолучи.

За време на престојот во Вашингтон, министерката ќе се сретне и со претставници од Трезорот на САД и од мултинационални корпорации за финансиски услуги, коишто се вклучени во процесите на издавање еврообврзници на нашата земја. Исто така, министерката ќе учествува и на Регионалната тркалезна маса за платежни системи, посветена на Единствената област за плаќања во евра – СЕПА, во чии рамки од годинава се приклучи и нашата земја.

Пролетните средби се редовен годишен настан на Групацијата на Светската банка и ММФ, на кој присуствуваат министри за финансии, гувернери, претставници на бизнис-заедницата и на граѓанскиот сектор, академици и сл., а на кој се дискутира за глобалната економија, меѓународниот развој и финансиските пазари.

На Пролетните средби министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска учествува заедно со гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска Бежоска. Во составот на делегацијата се и вицегувернерите Ана Митреска и Фадил Бајрами, како и државниот секретар во Министерството за финансии Андриана Матлиоска. 

Инаку, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, претходно престојуваше во Чикаго, САД, каде што оствари средби со македонската дијаспора од овој дел на САД.