Министерката Божиновска во посета на Бирото за метрологија: Точните мерења се основа за економскиот развој

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, го посетила Бирото за метрологија, кое е во состав на Министерството, со цел да се запознае со тековните активности и предизвици на оваа институција, при што имала средба со директорот на Бирото, Седат Рушани, и вработените во лабораториите.
Бирото е задолжено за испитување на квалитетот на горивото, златото, верификација на мерила водомери, мерила на електрична и топлотна енергија, хомологација на возила и друго.
-Една од главните теми на разговор беше одржувањето и развојот на националните еталони и сертифицираните референтни материјали, кои се од суштинско значење за обезбедување на мерната точност во различни индустрии и научни истражувања. Министерката истакна дека Министерството ќе продолжи да ја поддржува модернизацијата на лабораториите и опремата на Бирото, со цел да се обезбеди усогласеност со меѓународните стандарди и конкурентност на македонските производи на глобалниот пазар, соопшти Министертството.
Било дискутирано за важноста на инспекцискиот надзор над употребата на законските мерни единици и калибрацијата на мерилата, како и за потребата од континуирана едукација и обука на кадарот во Бирото.
-Министерката Божиновска нагласи дека точните и доверливи мерења се основа за економскиот развој и заштитата на потрошувачите и дека Министерството ќе вложи напори за зајакнување на капацитетите на Бирото за метрологија. Во текот на разговорите, министерката побара детален извештај за досегашните активности на Бирото, вклучувајќи ги и предизвиците со кои се соочува институцијата. Таа истакна дека е неопходно да се идентификуваат и адресираат сите потенцијални неправилности или пречки кои можат да влијаат на ефикасноста на работата на Бирото, се наведува во соопштението.
Министерката Божиновска ја потенцирала важноста на транспарентноста и отчетноста во работата на сите институции под надлежност на Министерството и изразила очекување дека Бирото за метрологија „ќе продолжи со својата посветеност кон одржување на високите стандарди во своето работење и ќе преземе соодветни мерки за надминување на сите идентификувани предизвици“.