Министерката Божиновска „секој момент“ ја чека потврдата од ЕИБ за гасниот конектор со Грција


За улогата на нашата земја во регионот како крстопат за трансфер на природен гас и електрична енергија, за тековните и идните проекти со Грција, за новите можности што се отвораат за размена на искуства и помош за нас од искуството во Република Кипар, но и за глобалната енергетска ситуација, говори министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во разговор со дописничката на МИА од Атина по нејзиното учество на 14-от Енергетски самит (Athens Energy Summit).

За Божиновска ова беше прво учество на настан во Грција, а на маргините на конференцијата оствари одвоени средби со нејзиниот грчки колега, министерот за животна средина и енергетика Теодорос Скилакакас и со министерот за енергетика, трговија и индустрија на Република Кипар Јоргос Папанастасиу, од кои добила покани за нови билатерални средби во иднина.

Главната тема за која разговарале Божиновска и Скилакакис бил интерконекторот за природен гас што треба да ги поврзе двете земји, а министерката објаснува дека во секој момент се чека потврда од Европската инвестициона банка за да се потпише договор со операторот и да започне изградбата.

-Кај нас беше поништена постапката и имавме нова постапка, а многу важно за нас како држава е што цената е за 12 милиони поевтина од минатиот пат. Што се однесува до Номагас ги изврши сите проверки, ние од наша страна сè завршивме. Испратено е до Европската инвестициона банка и секој ден се очекува, деновиве или за една недела максимум, очекуваме потврда и да започнеме со потпишување на договорот за фирмата која е најуспешен економски оператор и да почнеме со изградба, затоа што се чека на нас, објасни министерката.

Додаде дека со нејзиниот грчки колега разговарале и за спојување на пазарите со електрична енергија.

– Тоа нас ни е приоритет, да се поврземе со нивната берза на електрична енергија, бидејќи тоа значи поврзување со земја-членка на ЕУ. Тоа за нас е многу важно и секако има многу грчки инвестиции во енергиката, така да разменивме искуства, посочи Божиновска.

Паралелно додаде дека на крајот на април веројатно ќе учествува на уште еден форум во Грција, а Скилакакис ја поканил, доколку дојде во Грција, да остварат нова билатерална средба.

Наспроти соработката со Грција што веќе постои, со Република Кипар, по денешната средба на министрите за енергетика, како што откри Божиновска, се отвора можност Никозија да му помогне на Скопје со своите искуства во енергетските проекти.

– Со кипарскиот министер разговаравме за размена на искуства, бидејќи тие имаат многу производство од обновливи извори на енергија, како е тоа решено кај нив, како е регулирано. Потоа за домаќинствата, таму според законот секое домаќинство треба да има соларни панели и како тоа сè се регулира со мрежата. Разговаравме и за некои интересни проекти, на пример тие имаат проект за поврзување со подводен кабел со Израел. Разговаравме за многу интересни теми, објасни министерката.

Откри дека добила покана за посета на Кипар како прв министер од кај нас, за подетално да разговараат со министерот Папанастасиу за кипарските искуства и како тие можат да ни помогнат во однос на легислативата бодрејќи тие мора да применуваат европски практики.

За улогата на нашата земја во регионот, министерката објаснува дека се работи на проекти со соседните земји и во однос на природниот гас и во однос на електирчната енергија, истакнувајќи ја важноста на поврзаноста со сите соседни земји.

– Иако сме од најмалите држави во регионот, сепак географската положба е многу важна бидејќи сме крстосница. Секако, сега тоа ќе се видиме со гасот, секако имаме само една конекција со Бугарија, сега ќе има уште една со Грција, минатата година потпишав меморандум за соработка со Република Србија. Тука имаме само 25 километри кои треба да се изградат, работиме на тоа, што значи дека преку нас ќе поминува транзитна рута и ќе се снабдува не само Србија, туку и Унгарија и Австрија, рече министерката во однос на природниот гас.

Во однос на електричната енергија, објасни дека сме поврзани со сите соседи освен со Албанија, но дека се работи на нова тендерска процедура, нешто што, како што посочи беше започнато од 2015, меѓутоа без исход и сега ќе постои нов повик.

– Тоа се работи со Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), тука сме во завршниот дел и како што знаете Албанија е поврзана со Италија и можеме ние да бидеме транзит од Бугарија-Македонија-Албанија-Италија, но и од Грција што значи дека ќе бидеме поврзани со сите наши соседи, што е многу добро, истакна министерката.

За енергетиката на глобалната сцена и предизвиците со кои би можеле да се соочиме во иднина, Божиновска вели дека она што е потребно е да се зголеми домашното производство за да не бидеме зависни од увозот, а конкретно за влијанието на војната на Русија врз Украина рече дека на почетокот тоа се одрази на цената на гас, меѓутоа ние не консумираме, не трошиме многу гас.

– Ние имавме една криза, ценовна криза, не недостиг на електрична енергија, туку цените беа високи до 1.000 евра за мегават час. Тоа се надевам дека нема да се повтори, но никој не може да влијае на геополитичката ситуација. Ние се надеваме дека ќе го зголемиме нашето домашно производство и кога ќе го зголемиме нашето домашно производство не мора да сме зависни од увоз што значи дека какви било влијанија нема да влијаат на зголемување на цените. Работиме на зголемување на домашното производство и секако на зголемување и јакнење на мрежата, на нашата мрежа од МЕПСО. Потпишавме минатата година со ЕБРД за Милетково значи да се зајакне за да може сите овие нови обновливи извори да се инкорпорираат во нашата постојана мрежа, истакна министерката.

Божиновска заедно со нејзините колеги од Грција и Кипар, Теодорос Скилакакис и Јоргос Папанастасиу учествуваа на панел-дискусија на Енергетскиот самит посветена на „Енергетската голема игра: Геополитика и глобалниот пазар на енергија“ и ги пренесоа нивните енергетски искуства и проекти во трите земји.