„Минхен Ре“: 2022 година е меѓу најскапите во историјата на осигурувањето
Изминатата 2022 година е рангирана меѓу најскапите во историјата на осигурувањето поради природни катастрофи, со најголема штета предизвикана од ураганот Иан во САД и поплавите во Австралија, објави денеска реосигурителот „Минхен Ре“.
Природните катастрофи предизвикаа околу 120 милијарди долари штети покриени со осигурување минатата година, слично како во 2021 година.
Најголемиот износ е постигнат во 2017 година, забележува осигурителот.
Во изминатите пет години просечната осигурена загуба изнесуваше 97 милијарди долари, а проценката на „Минхен Ре“ е повисока од првичната пресметка на конкурентот „Свис Ре“, кој ја процени осигурената штета во 2022 година на 115 милијарди долари.