Минчев: Законското решение за „балансерот“ не е во подготовка, се чека конечна одлука на Уставниот суд
Министерството за јавна администрација не ја коментира времената мерка на Уставниот суд за „балансерот“, законското решение ќе почека додека нема конечна одлука, изјави денеска министерот за јавна администрација, Горан Минчев на втората јавна дискусија од кампањата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“ која се одржа во Куманово.
Тој потенцираше дека лично ја поздравува одлуката на Уставниот суд и повтори дека „балансерот“ со години се злоупотребувал.
– Вчера Уставниот суд донесе времена мерка со којашто се стопираат одредени одредби или членови токму од овие закони општо се предмет на дебата тоа се законите за вработените во јавниот сектор и законот за административните службеници.
Во принцип Министерството за јавна администрација не ја коментира времената мерка на Уставниот суд, затоа што таа е извршна и се спроведува.
Ако ме прашате за мој личен став јас досега кажав дека „балансерот“ како една од тие одредби коишто со времената мерка се стопираат мислам дека „балансерот“ како дигитална алатка во минатото навистина беше предмет на злоупотреби и ако разгледуваме во тој контекст одлуката на Уставниот суд ја поздравувам, изјави Минчев.
Во однос на законските решенија, министерот Минчев рече дека во моментот не може да каже дали ќе има ново и какво ќе биде законското решение, ќе се чека на конечната одлука на Уставниот суд.
– Што се однесува до законските решенија јас во овој момент не би можел да кажам дали ќе има ново или пак каква ќе биде содржината на тоа законско решение секако би ја причекал и секако Министерството за јавна администрација конечната одлука на Уставниот суд во зависност од тоа каква ќе биде ние би пристапиле кон евентуално ново законско решение коешто патем мора да кажам дека е уставна категорија, изјави министерот за јавна администрација.
Одговарајќи на новинарски прашања, Минчев кажа дека осудува какви било протести и дека во рамки на владината коалиција ќе има отворена дебата.
Како Влада додаде, се залагаат за сеопфатна реформа на администрација која треба да се базира на професионалност, стручност, квалитет и знаења.
– Законот не е во подготовка, Министерството за јавна администрација е носител на овие две законски решенија јас се надевам дека во рамките на владината коалиција ќе имаме отворена дебата за она што следува, каков било повик на протести или пак на дестабилизација на државата за укинување или пак за времена мерка на „балансерот“ ги осудувам затоа што сметаме дека сите заедно дека приоритет и во општеството и во државата и сметам дека е дојдено времето и ние како Влада сме подготвени за таков исчекор е да направиме една сеопфатна реформа во јавната администрација, но таа ќе мора да се базира на знаења, квалитет, стручност односно на професионалниот, само така можеме како држава да одиме напред.
Јас досега повеќе пати кажав дека јавната администрација ја сметам за столб на една држава практично за постоење на една држава и на една нација, кажа Минчев.