Министерот Минчев за вицепремиерот Меџити: „Алиса во Земјата на чудата“
Министерот за јавна администрација го исмева првиот вицепремиер. Што покажува тоа за односите во владата?

Дојде и до јавно големо спротивставување во рамките на Владата, па дури и потценување и омаловажување на првиот вицепремиер.
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, му порача на вицепремиерот Изет Меџити, да не се однесува како Алиса во Земјата на чудата и да не ветува вработувања за Албанците во администрацијата, затоа што тоа го смета за предизборен популизам кој нема врска со институционалната основа.
„Изјавата на вицепремиерот Меџити на партиски настан за масовни вработувања во јавната администрација во период од една година е класичен пример на предизборен популизам, без никаква правна или институционална основа.
Оттука, би го замолил г-динот Меџити да не се однесува како Алиса во Земјата на чудата, ветувајќи нешто што ниту е реално, ниту е возможно без кршење на законските процедури и принципите на доброто управување“, вели Минчев.
Ова е едно од ретките јавни големи спроитваставувања во рамките на Владата, па дури и потценување и омаловажување на првиот вицепремиер.
Тој појаснува дека сите вработувања во јавниот сектор во моментов се одвиваат исклучиво според потребите на институциите, врз основа на претходно добиени согласности од релевантните институции и во согласност со Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за административни службеници. Секое вработување се заснова на принципите на компетентност, стручност и професионална подготвеност на кандидатите, а не на партиски ветувања или политички притисоци.
„Министерството за јавна администрација е цврсто посветено на почитувањето на мерит системот, што значи дека вработувањата и унапредувањата во јавниот сектор мора да се темелат исклучиво на квалитетот и способностите на кандидатите, а не на нивната етничка или политичка припадност. Политиката на популистички вработувања не само што би го нарушила интегритетот на администрацијата, туку и би ги загрозила реформите кои имаат за цел создавање ефикасна, професионална и деполитизирана јавна администрација“, додава Минчев .
Тој е дециден дека јавниот сектор не е предизборен пазар каде што се раздаваат работни места во замена за политичка поддршка.
„Граѓаните на Република Македонија заслужуваат институции кои работат професионално и транспарентно, а не администрација изградена врз база на популистички ветувања.
Затоа, апелирам на одговорност и реален пристап кон јавните политики, а не на нереални ветувања кои служат само за собирање политички поени во пресрет на изборите“, предупредува Минчев.
Лани во декември Инспекторатот за употреба на јазиците упати предупредување до министерот Горан Минчев. Според соопштението објавено од Инспекторатот, инспекторите извршиле вонреден надзор во министерството и утврдиле дека не комуницира со медиумите на два јазика, а соопштенијата на веб-страницата ги објавува само на македонски јазик.
Реагираше и СДСМ, кој вели дека се случува масовна партизација на институциите од страна на коалицијата „Вреди“.
„Со изјавата на Изет Меџити, партнерот на Мицкоски, дека планира две до три илјади вработувања на партиски кадри во администрацијата, се потврдува тезата на СДСМ дека се случува масовна партизација од страна на ‘Вреди’ во сите институции. Ова е со амин и во договор со Мицкоски. Пред изборите ветија мерит-систем, професионализација и праведна држава, а сега веќе е нова песна. СДСМ предупредуваше дека ова се случува а сега доаѓа како директна и бесрамна потврда од Меџити. ‘Вреди’ ја третира државата како приватен бизнис, кој треба да го наполнат со партиски војници. Мицкоски седи и немо гледа што се случува“, изјави Душанка Георигиева-Трпевски, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
Доцна попладнето Изет Меџити го обвини Минчев дека користи реторика слична на онаа на лидерот на Левица, Димитар Апасиев. Според него, правичната застапеност на Албанците е уставна категорија која не може да се доведе во прашање.
„Минчев да не се однесува како копија на Апасиев, затоа што воопшто не личат еден на друг. Горан Минчев треба да ја напушти реториката на Димитар Апасиев и да се однесува како министер на сите граѓани во нашата заедничка држава“, напиша тој во реакција.
Веста не обновена.