Минчев повторно најавува: Нема веќе недопирливи и доживотни функции!
Нема веќе доживотни функции и недопирливи позиции во Македонија. Управните одбори се сведуваат на најмногу три члена, а статусот в.д. станува исклучок, строго временски и правно ограничен, истакна министерот за јавна администрација Горан Минчев, презентирајќи го предлог-законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите.На јавната дебата, Минчев нагласи дека со предложеното законско решение, за првпат се воспоставува единствена, кохерентна и системска рамка за уредување на највисоките државни раководни функции – кој, како и под кои услови ги води клучните институции.
„Прв пат воспоставуваме јасна и унифицирана рамка за именувањето, мандатот, одговорноста и разрешувањето на највисоките раководни позиции во администрацијата. Воведуваме мерит-принцип и јасни критериуми за избор на директори, државни секретари, членови на колегијални органи и управни одбори, за кои досега речиси и да немаше правила“, вели Минчев.
Според министерот, мерит-принципот станува правило, а не исклучок – секој што раководи ќе мора да знае, да може и да сноси одговорност.Законското решение предвидува транспарентна постапка за именување на високите раководни функционери, јасно уредени мандати и ограничување на можностите за злоупотреба на функциите.
„Позицијата веќе не е титула, туку одговорност. Раководителите ќе имаат обврска да испорачуваат конкретни резултати“, истакна Минчев.
Предлог-законот е објавен на платформата ЕНЕР од 31 декември и е отворен за јавни коментари.
„Кога зборуваме за реформи во јавната администрација, зборуваме за суштински промени во кои мора да бидат вклучени сите засегнати страни. Дијалогот, а не наметнувањето, е единствениот начин за носење квалитетни решенија“, додаде министерот.
Според генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, целта на законот е создавање транспарентен, професионален и ефикасен јавен сектор во служба на граѓаните.
„Целта е обезбедување еднаков пристап до функциите и именувања според заслуги, како и непристрасно и одговорно вршење на работите на органите на државната управа“, истакна Јанушев.Тој појасни дека функциите на високите раководители мора да бидат достапни за сите заинтересирани кандидати под еднакви услови, преку транспарентна, фер и конкурентна постапка. Со законот, додаде Јанушев, се воведуваат јасни и унифицирани правила за избор на директори, управни одбори, колегијални органи и државни секретари, со што се намалува политичкото влијание при именувањата.