Минчев ќе го укине Инспекцискиот совет за да заштеди 255.000 евра годишно
Министерот за јавна администрација Горан Минчев најави денес дека ќе се укине Инспекцискиот совет и со тоа ќе и се заштети на државата 255.000 евра годишно. На прес кобнференцијата на која ја презентираше својата работа изминатата година, Минчев ова го најави како голема реформа, со која ќе почне трансформацијата на јавната администрација во сервис на граѓаните.
Според Минчев во Инцпекцискиот совет има 11 вработени кои нема да ги загубат работните места бидејќи ќе бидат трансферирани во Министерството за јавна администрација, но седумте членови на Управниот совет, кои земале од 2.000 до 2.500 евра надомест за два состанока месечно – ќе останат без ангажман и ќе се заштедат на тој начин 255.000 евра годишно. Ова според него е почеток и на укинувањето на други функционерски места, но кои и кога – не најави конкретно.
Инаку, Инспекцискиот совет беше предмет на критики пред изборите дека е составен со членови избрани од СДСМ и од ДУИ и дека станал извор на корупција и незаконитост. Укинувањето на тела, на агенции или транформација и спојување на институции изминатите месеци беше најчестиот начин на кој новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја рекомпонираше политички, во свој интерес, државната администрација за да не биде обвинета за партизација.
Тој зборуваше и за т.н. Балансер, оценувајќи дека пред да се воведе имало поголем број вработувања од редот на етничките малцинства отколку откако почнал да се применува во 2015 година.
Околу намалувањето на јавната администрација и префрлување во приватниот сектор, тој рече дека се уште се размислува, но додаде дека има дефицит на луѓе кои што конкурираат во јавната администрација. Според него, платите во администрацијата се навистина мали и ценејќи го трудот, просечната бруто-плата од 1-ви март треба да порасне за 8%. Министерот појасни дека „не можете да вработите ИТ-инженер во јавната администрација и да му кажете дека почетната плата ќе му биде 450 или 500 евра, кога истиот тој работејќи од дома, зема околу 2000 евра како ИТ инженер“. Според Минчев, никој не е венчан за јавната администрација и кој сака може да премине во приватниот сектор.