Минчев ги нарече „понижувачки“ нотарските изјави на Меџити за етничка припадност

Министерот порача на ДУИ да не драматизираат - бидејќи и тие ја поддржале констатацијата на претходната влада дека балансерот е надминат во практиката


 

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, ја оцени како понижувачка идејата на  Иџет Меџити од „Вреди“, како едно од можните решенија, кандидатите за вработување во јавната администрација да приложуваат нотарска изјава за етничката припадност. Тој му препорача на Меџити да почека да стигне целосната одлука на Уставниот суд со која се укина „балансерот“ и со студени глави и широка јавна дебата да се бара решение кое ќе гарантира правична застапеност – а нема да биде спротивно на Уставот. 

„Не би сакал да коментирам содржина што не сум ја видел. Во принцип не сум за избрзани решенија“, рече Минчев, коментирајќи ги информациите што излегоа од „Вреди“ за можниот нов закон за правична застапеност што тие веќе го подготвуваат.

Но, категорично беше против идејата за нотарска изјава.

„Идејата за потпишување изјава на нотар за етничка припадност  е понижувачка. Добро е да легне иницијативата и со ладни глави и низ широка дебата да се најде долгорочно, содржајно и соодветно решение што ќе биде во рамките на Уставот на државата. Ќе повторам и сега, правичната застапеност е уставна категорија и затоа треба да одиме постепено за да не се најдеме повторно во ситуација како оваа“, рече Минчев. 

Тој дополни дека по првата одлука на Уставниот суд, кога ја замрзна примената на двата члена од Законот за вработени во јавната администрација, дал веднаш упатство тие да не се применуваат, но сега ќе ја почека целосната одлука на Судот пред да почне да ја применува. Според него, во владината коалиција има политички капацитет да се најде долгорочно и солидно решение, а на тие што држат, како што рече, драматична ноќна прес-конференција (ДУИ) им порача ако сакаат нешто да реформираат – да се свртат кон себе. 

„Времето на такви прес-конференции е завршено. Јас ја нарекувам прес-конференција со работен наслов ДУИ против ДУИ. Во Националната стратегија за реформи во јавната администрација изработена од претходната влада во која ДУИ е учесник поддржала иницијатива со којашто меѓудругото се констатира дека се надминува потребата од употребата на алатката балансер која во пракса предизвикува бројни злоупотреби, а од друга страна останува примената на правичната и соодветна застапеност на етничките заедници“, рече тој. 

Околу дилемата како може воопшто да се гарантира правичната застапеност со закон кога во секој случај кандидатите за работа треба да ја декларираат етничката припадност, а Уставниот суд смета дека таа е лична работа, Минчев остави на јавната дебата да даде одговор но со оценка дека има можности да се најде решение. Генерално, тој сепак не потврди дека стои зад барањето со закон за правична застапеност да се надмине сегашната ситуација. 

Претходно министерот за здравство, Арбен Таравари, од „Вреди“ тврдеше дека законот за правична застапеност е лесна работа и дека тој ќе ги гарантира не само етничката застапеност во администрацијата, туку и половата. Тој сметаше дека Уставниот суд извадил на површина  проблеми кои стојат со години во судот, но уверува дека и по укинувањето на балансерот, етничката застапеност е проблем што лесно може да се реши.

„Многу едноставно ќе се најде механизам кога етничката припадност е уставна категорија, ни треба само нов закон. Со законот ќе се предвидат не само етничка туку и полова и секаква еднаквост во институциите на системот. Законот е готов од наша страна, чекаме мислења од меѓународни експерти и од Европската комисија и се надевам дека набргу ќе го процесуираме овој закон во парламентот“, рече Таравари. 

ДУИ сама против сите

И покрај уверувањата на министерот Минчев дека правичната застапеност е загарантирана и не се доведува под прашалник бидејќи е уставна категорија, па и тврдењето дека практично и СДСМ и ДУИ се подготвувале да го укинат „балансерот“ како прегазен од практиката, од ДУИ сепак драматизираа околу одлуката на Уставниот суд нарекувајќи ја почеток на уривање на Рамковниот договор, враќање назад пред неговото потпишување и слично.    

„Основната идеја на Охридскиот договор беше да се надмине моноетничката држава и да се воведе концепт на заедничко владеење што ги штити етничките заедници од мнозинска тиранија и маргинализација. Последната одлука на Уставниот суд, диктирана од владата, удира во основата на овој принцип – колективната заштита на етничките заедници. Етничката припадност беше основа за клучните механизми како Бадентеровиот принцип во Собранието, системот на билансот на состојба и етничките квоти, кои помогнаа да се исправат децениската дискриминација. Оваа одлука едноставно не може и не треба да помине“, порача преку Фејсбук екс-министерот Бујар Османи. 

Според него, власта ги мами грашаните со некаков закон за правична застапеност бидејќи Уставниот суд ја остранил неговата уставна основа, и тоа не само за овој сегашниот туку и за секој иден закон околу правичната застапеност, за да заклучи дека изнесувањето на етничката припадност е забранета сега во институциите. „Ова предавство не треба и не може да исчезне!“, порача Османи.

Практично, ДУИ е единствената партија која се спротивставува на оваа одлука на Уставниот суд, бидејќи неа ја поддржа и поранешниот премиер Димитар Ковачевски.

„Добро е што беше отстранет балансерот. Тој е решение кое произлезе од Охридскиот мировен договор и уставните измени, но потоа тој беше злоупотребен. Македонците се изјаснуваа за Албанци, Ромите за Турци, Албанците за Турци и тоа не даде резултат“, рече Ковачевски.

Актуелниот пратеник конкретно не сакаше да ја коментира одлуката на уставните судии.

„Ова е одлука на Уставниот суд и не се коментира. Решението е готово. Добро е што беше отстранет балансерот бидејќи ќе треба ново решение“, рече Ковачевски.

Рамадани предлага закон за етничка застапеност на Македонците!

Од Левица пак тврдат дека дошла потврда од партијата на Христијан Мицкоски (ВМРО-ДПМНЕ) дека укинатиот балансер ќе се замени со закон за правична застапеност, односно дека  етничките вработувања ќе се преточат во законско решение, иако негирале досега. 

„Иако ДПМНЕ пред само две недели тврдеше дека нема да се носи закон за етнички вработувања и за таа цел е формирана собраниска комисија – сега повторно гледаме како ДПМНЕ ретерира пред помалиот коалиционен партнер и ја продолжува праксата на пазарење со националните интереси, каде што застанаа СДС и ДУИ. Целосно потценувачки е за македонската јавност за само две недели владејачката партија да го промени својот став за етничките вработувања, додека од друга страна, секојдневно молчи пред скандалите и шовинистичките изблици на партнерот ‘Вреди’. Оттука јавно прашуваме – дали ДПМНЕ или ‘Вреди’ имаат 58 пратеници во Собранието?!

Скандалозните најави на Изет Меџити за ново законско решение со изјави за етничка припадност заверени на нотар ги оценуваме како ретроградни и сегрегирачки. Впрочем, токму Уставниот суд пресече дека етничката припадност е лично и внатрешно чувство и лично право на секој граѓанин е да ја изрази или да не ја изрази етничката припадност. Јасно е дека коалицијата ‘Вреди’, која е составена од истрошени кадри на ДУИ, наместо да се занимава со политики за унапредување на благосостојбата на сите граѓани – таа единствено нуди ‘визија’ за федерализација и либанизација на Републиката“, оцени Левица. 

Либанизација на Македонија виде и Рамадан Рамадани, но во обратна смисла.

„Зошто Македонија денес заличи на Либан?! Затоа што е укинат единствениот правен механизам за правична застапеност во услови кога нема друга регулација која уредува уставна категорија како правична застапеност“, реагира Рамадани. Посебен проблем според него е што  одлуката е донесена без ниеден глас од немнозинските судии.

Тој смета дека со ова одлука Македонија влегла во сивата зона на можно политичко артикулирање на ова прашање кое комбинирано со заглавениот евроинтегративен процес и променливиот геополитички моментум може да доведе до тоа дури и да му позавидуваме на Либан и сличните.

„Што ако се соберат сите немнозински политички преставници и чинители и решат дека следното законско регулирање на ова прашање треба да важи за мнозинската заедница, по принцип дека така е поедноставно и дека основниот дисбаланс лежи токму во тоа – дека една заедница од 50 и неколку проценти има над 90% отсто власт и преставеност?“, порачува Рамадани.