Милошоски тврди: Уште еден пратеник од власта нема да гласа за уставните измени


Денеска имавме пријатно изненадување, уште еден пратеник обелодени дека е против уставните измени. Пратеникот на Партијата на движењето за правата на Турците објави дека ги смета овие амндмани за неуставни, изјави вечерва за ТВ Сител Антонио Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој истакна дека власта бркајќи пратеници во опозицијата и споменувајќи раздор, почнала да ги губи своите пратеници.

„Гледаме дека пратеници излегуваат од мнозинството и формираат други партии, а гледаме и дека други пратеници амандманите ги сметаат за неуставни. Затоа нашето очекување, она што денес го имавме на комисијата, да се повтори и на 18 август односно владиниот проект за кој нема политички, општествен, национален консензус и е генерално диктирана обврска од Софија, да не помине во Собрание и да не се случат уставните измени“, потенцираше Милошоски.

„Овој билатерален проблем се европеизира. Наместо да ние имаме стандардни услови за Копенхашки критериуми ние треба да се надмудруваме за историски прашања пред 100 или 200 години. Тоа воопшто ова не е европски принцип“, рече Милошоски и додаде дека Бугарија никогаш досега, до 2020-та година не го поставила прашањето за уставни измени и за внесување на дел од бугарскиот народ.