Милошоски: Сакаме увид во договорот со „Бехтел и Енка“ и десет дена да го проучиме
Антонијо Милошоски, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денес тврдеше на прес конференција дека парламентарното мнозинство само си одржало координација и самостојно заклучило договорите за коридорите што ќе ги градат „Бехтел и Енка“ да им бидат презентирани така како што нив им одговара. Патем, ВМРО-ДПМНЕ беше покането на координацијата но ја бојкотираше.
-Донеле некои заклучоци кои што ја промашуваат суштината на барањето на пратениците од опозицијата. Суштината на нашето барање е според Законот за класифицирани информации. Ние не бараме Договорот некој министер да ни го раскажува, ние бараме и имаме право Договорот да ни биде даден на увид и бидејќи се работи за 500 страни договор, да имаме разумен рок од најмалку 10 дена да го разгледаме, анализираме и потоа да имаме затворена седница на која што ќе ги искажеме сите наши забелешки, но и ќе ги обзнаниме сите клаузули кои што се штетни по буџетот на Република Македонија. Тоа е нашето барање, вели тој.
Милошоски потенцира дека сметаат дека ова барање им следува на пратениците затоа што веќе е направен еден преседан.
-Самиот Договор имале можност да го видат 8 пратеници од ДУИ и 2 од СДСМ. Тоа се оние кои ги поднеле 8-те закони за измени во Собранието поврзани со автопатите на Артан и Ковачевски иако знаеме дека најмалку двајца пратеници од овие осум, немаат безбедносен сертификат. И сега, ако можел некој пратеник колега да има увид во Договорот без безбедносен сертификат и да прави предлог за законски измени на 8 клучни закони, вклучително и Законот за работни односи, тогаш можат сите пратеници да го добијат Договорот, во најмала рака сите оние кои што имаат безбедносен сертификат, да имаат време да го разгледаат и потоа Собранието на затворена седница да ги слуша забелешките, критиките, пофалбите или обвинувањата од страна на пратениците. Тоа е нашето барање. Очекуваме власта да постапи согласно Законот за класифицирани информации, согласно Деловникот и да ни го достави Договорот, кој откако ќе го разгледаме, ќе закажаме затворена седница и ќе расправаме по истиот, порача тој.
Пратеникот и координатор на пратеничката група на Демократската унија за интеграција, Арбер Адеми преку објава на својот Фејсбук профил реагираше на тврдењата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски дека пратеници од власта без безбедносен сертификан веќе имале увид во Договорот со „Бехтел и Енка“, посочувајќи дека тие како група на пратеници поднеле закони за, како што вели, градбата да трае пократко и поевтино.
-Милошовски лаже. Милошовски дрско лаже. Свесно креира лажни вести и ја става во заблуда јавноста. Ние, група пратеници, поднесовме закони за градбата да трае пократко и поевтино. ВМРО заедно со Левица ги блокира законите и свесно и намерно ги чинат граѓаните над 150 милиони евра и изгубени уште две години од нивните животи, вели Адеми во објавата.
Ако бараат изговори за блокирање на законите нека најдат пологична причина, а не да се служат со лаги.Го бараа договорот, посочува тој, ќе го добијат и сами нека одлучат на која комисија сакаат да се одржи и сами да одлучат кога да се одржи.
-Очигледно сега смислуваат лаги за да продолжат со шпекулациите за најголемиот стратешки проект на државата. Ова е целосна невистина и брутална лага, рече Адеми.