Милорад Додик: Умерениот политичар стана автократ кој го негира геноцидот во Сребреница

Кога во 1998 година беше избран за премиер на Република Српска, НАТО му помогна да ја преземе власта. Медлин Олбрајт го нарекуваше „здив на свеж воздух“


 

Некогаш во Вашингтон беше опишан како антинационалистички „здив на свеж воздух“ во убиствениот балкански гребен на етнички поделената Босна, со лузни од геноцид.

Како се менуваат времињата.

Неделава политичкиот водач на босанските Срби Милорад Додик, сега сецесионист кој го негира геноцидот, доби нови санкции од САД поради наводна корупција. Тој одговори во типичен стил, велејќи дека времето кога Соединетите Држави и другите западни демократии „ја моделираа Босна по нивниот вкус“ одамна ги нема.

Обвинувањата дека тој коруптивно собрал огромно богатство за себе, за неговите роднини и соработници, се „монструозни лаги“, тврди Додик.

„САД се голема сила, но тие се и големи лажговци“, рече тој.

Додик тврди дека Западот го казнува затоа што се залага за правата на етничките Срби во Босна – нефункционална земја од 3,3 милиони жители која никогаш не е навистина закрепната од братоубиствената војна во 1990-тите, која стана име за етничко чистење и геноцид.

Санкциите, се пофали Додик, само ќе им помогнат на Србите да се ослободат од Босна во желната прегратка на нивните „вистински пријатели“ – Русија, Кина, шампионите на нелибералната демократија во Европската унија и соседна Србија.

Милорад Додик како премиер на Република Српска зборува за време на дводневниот воркшоп во Дејтон, Охајо на 12 ноември 1999 година (Фото: АП)

 

63-годишниот дипломeц по политички науки првпат стана познат во 1998 година, како умерен реформист, избран за премиер на Република Српска со тесен број гласови. Мировниците предводени од НАТО ги опколија клучните згради што ги држеше полицијата лојална на водачот на босанските Срби Радован Караџиќ – подоцна осуден за воен геноцид и злосторства против човештвото – за да се осигураат дека Додик може да ја преземе контролата.

Набргу потоа, тогашната државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт го сретнала и „почувствувала како свеж воздух да провеал низ собата“, според нејзиниот тогашен портпарол.

Но, во 2001 година, по поразот на претседателските избори во Република Српска, Додик го промени курсот, преобликувајќи се себеси како тврдокорен националист и сецесионист. Тој постепено ја доби контролата врз сите нивоа на владата на Република Српска, а во 2009 година успеа да избрка странски судии и обвинители од судскиот систем на Босна – поради извештаите дека е под истрага за корупција и ерозија на демократијата.

Со Дејтонскиот мировен договор постигнат со посредство на САД од 1995 година, кој стави крај на повеќе од три и пол години крвопролевање во Босна, беа воспоставени два посебни владејачки ентитети – Република Српска и еден во кој доминираат претежно муслимански Бошњаци, над половина од населението во Босна, и католички Хрвати.

Тие се поврзани со заеднички институции на ниво на државата и сите активности на национално ниво бараат консензус од сите три етнички групи.

Во непосредните повоени години, меѓународната заедница ја задржа Босна на реформски курс, вршејќи притисок врз нејзините водачи да го напуштат говорот на омраза и да прифатат болни компромиси во замена за финансиска и друга поддршка. Но, пред повеќе од една деценија меѓународниот фокус се префрли на други глобални кризи. Сега остануваат само 600 од 60.000 меѓународни мировници распоредени во 1995 година. Босна беше претежно оставена сама на себе, изложена на зголеменото влијание на Русија, Кина и Турција, како и на широко распространета корупција и економски пад.

Со текот на годините, Додик издржа безброј обвинувања од националните и меѓународните групи за права и слобода на медиумите за ограничување на независноста на медиумите и популаризирање на гнасна реторика против политичките противници од сите етнички прилози. Тој озлогласено го бранеше одобрувањето од 2008 година, од страна на регионална развојна банка, за поволен заем од 2 милиони долари на фирма во косопственост на неговиот син, велејќи дека „било подобро отколку да му дозволиме (младиот човек) да стане зависен од дрога“.

Нето вредноста на неговото семејство е тешко да се процени, но во 2019 година Додик пријавил годишен приход и имот во вредност од над 1,2 милиони евра, вклучително и вила од 800.000 евра во главниот град на Србија, Белград. Додик вели дека тврдењата за богатството на неговите деца се злонамерно претереани од неговите политички противници.

Еден од најжестоките од нив, Драшко Станивуковиќ, градоначалник на Бања Лука, најголемиот град во Република Српска, возврати дека семејството има удел во најмалку 70 компании – вклучително и оние во сопственост на нивните „роднини, пријатели и деловни соработници“.

Додик редовно го минимизира масакрот во 1995 година, извршен од босанските Срби, на над 8.000 бошњачки мажи и момчиња во источната енклава Сребреница, дури и отфрлајќи го како „измислен мит“.

Припадници на полициските сили на Република Српска за време на вежбата на Јахорина крај Сараево на 22 октомври 2021 (Фото: АП)

 

Во последните месеци тој постојано изразува надеж дека рускиот претседател Владимир Путин и популистичкиот премиер на Унгарија Виктор Орбан ќе послужат како негов бедем против „тиранијата“ на западните демократии, топло поздравувајќи го декемвриското тврдење на Орбан дека главниот предизвик на ЕУ за Босна е „како да се управувајте со безбедноста на државата во која живеат 2 милиони муслимани“.

Откако 15 години беше претседател или премиер на Република Српска, во есента 2019 година Додик беше избран за мултиетничко претседателство на Босна, во кое има и Бошњак и Хрват функционер.

Минатото лето, со премолчена поддршка од Москва и Белград, Додик го предводеше напуштањето на Србите од мултиетничките институции во Босна – со што го блокираше донесувањето одлуки – во знак на протест против потегот на меѓународниот висок претставник во Босна да го забрани негирањето на геноцидот.

Додик и српските официјални лица под негова контрола велат дека повеќе нема да ги почитуваат одлуките на високиот претставник, функција создадена според Дејтонскиот договор со широки овластувања, вклучително и за наметнување закони или разрешување на службеници кои ја поткопуваат кревката повоена етничка рамнотежа.

Оваа зима, Додик ја интензивираше својата сецесионистичка кампања, ветувајќи дека ќе формира исклучиво српска војска, судство и даночен систем. Тој ги опиша Бошњаците како „луѓе од втор ред“ и „предавнички конвертити“ кои ја продаваат својата „оригинална (православна христијанска вера) за вечера“.

Американски, британски, германски и други западни функционери неодамна почнаа да го обвинуваат Додик дека поттикнува етнички тензии за да го одвлече вниманието од неговите коруптивни практики и на пријателите.

Но Додик вели дека санкциите нема да го обесхрабрат „да се бори за правата на Република Српска“.

„Без разлика што прават, не можат да ме спречат“, рече тој. (АП)