Милков би сакал и Софија да биде консултирана за уставните измени


Министерот за надворешни работи, Николај Милков

 

Софија сака да премине уште една граница во односите со Македонија и да биде консултирана за текстот на уставните измени. Барем според зборовите на службениот министер за надворешни работи, Николај Милков, кој од пред една недела е поставен од техничката влада за нов амбасадор на Бугарија во НАТО.

Милков се сретна со македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел.

Тој на Османи му зборувал за тоа дека бугарскиот клуб во Битола бил испрскан со црна боја. „Очигледно е дека атмосферата таму дозволува тоа да се случи. Има елементи на неказнивост кои го фаворизираат тоа“, рече Милков во изјава која ја пренесуваат бугарските медиуми. Инаку, клубот „Иван Михајлов“ веќе е избришан од Централниот регистер и како таков официјално не постои. 

Според него, „колку што знаеме веќе има некои опции за идни текстови кои се дискутираат таму кои биле прифатени при промена на уставот. Ние би сакале да бидеме дел од овој процес за да се одвива непречено. Би сакале да се консултираме за овие прашања“, јавува Ббугарското национално радио.

Тој уште додава: „Се надевам дека ќе одговорат. Претстојат контакти што ги имаме да ја намалиме тензијата, се разбира, без да им се наштети на правата на Бугарите во Северна Македонија. Овој дијалог мора да продолжи сѐ додека постои волја од нивна страна. Повторно подаваме рака, во таа смисла. Подготвени сме да разговараме за промените што ги прават“.