Милијардерот педофил Џефри Епстајн се самоуби во затвор


САД- Американскиот милијардер Џефри Епстајн, обвинет за низа случаи на педофилија, се уби во затворската ќелија, јавуваат американските медиуми.

Тој беше во затвор во Менхетн додека чекаше да се реши неговата жалба на одлуката на судијата кој не дозволи да биде во куќен притвор во луксузниот њујоршки кварт Апер ист сајд, потврдија три судски извори за Еј-би-си њуз.

Како што јавува Би-би-си, безживотното ело на Епстајн било најдено во 7:30 часот по локално време, но околностите на неговото самоубиство сѐ уште не се познати. Ројтерс не успеале да добијат изјава од затворските службеници и адвокатот на Епстајн Реид Вајнгартен.

66-годишниот Епстајн следната година на суд требаше да се соочи со обвиненијата за сексуално малтретирање десетици малолетни девојки во Њујорк и на Флорида.

Веста за Епстајновото самоубиство доаѓа три дена откако беше најден без свест во својата затворска ќелија, при што на вратот имал повреди кои сугерирале самоповредување.

Од тој инцидент тој бил под специјално внимание поради можноста од самоубиство, но очигледно надзорот не бил особено успешен.

Епстајн  беше уапсен на 6 јули годинава поради сомнеж за трговија со малолетни девојки за секс, која се одвивала во неговата вила на њујоршки Апер ист сајд и неговиот дом во Палм бич на Флорида. Некои обвинувања се однесуваат на дела од 2000 година. Обвинителите во обвинението наведуваат дека намамил десетици 14-годишни девојчиња во своите луксузни домови и им плаќал за сексуални услуги.

Епстајн претходно порача дека средбите со наводните жртви биле договорни и дека верувал дека имале 18 години.

На судот кажа дека не е крив, а му се закануваше затворска казна во траење од 45 години.

Епстајн е познат по пријателствата со политичари и кралски семејства, а пријатели му беа американскиот претседател Доналд Трамп, поранешниот претседател Бил Клинтон, а според судските документи и британскиот принц Ендрју.