Милевски: Македонија покажа дека има квалитет да се носи со најдобрите репрезентации

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски е задоволен од изданието на неговите избраници на синоќешниот натпревар со Белгија, но побара максимална концентрација за следниот дуел, со Казахстан на гостински терен.
– Македонија покажа дека има квалитет да се носи со најдобрите репрезентации. Со поддршката од публиката успеавме да освоиме бод против првиот фаворит во нашата група. Сепак овој резултат нема ништо да значи ако не го победиме Казахстан в понеделник. Затоа мора да ги заборавиме претходните две кола и да се фокусираме на нашиот следен ривал. Ако играме вака, тимски и пожртвувано, ќе ја оствариме целта, истакна Милевски по ремито (1:1) со Белгија.
Македонскиот фудбалски „дијамант“ Елиф Елмас, синоќа одигра извонреден натпревар против Белгија и е еден од најзаслужните за освоениот бод.
– Може да жалиме што не ја победивме Белгија. Во неколку наврати немавме среќа. Имавме две стативи во првото полувреме. Одигравме на високо ниво и треба да сме задоволни од нашата игра. Одиме на победа против Казахстан. Се надевам дека ќе освоиме три бода и ќе останеме во игра за пласман на Мундијалот, изјави Елмас по мечот со Белгија.
Во поредокот во Ј-групата од квалификациите за Светското фудбалско првенство 2026, лидер е Велс со 7 бода (3 натпревари), Македонија има 5 (3), Казахстан собра 3 (2), Белгија 1 (1), Лихтештајн нема освоен бод (3).