Милановиќ: Македонија не треба да се третира како „земја со посебни потреби“

Немојте да бидете жртва на принудите и на изнудувањата заради преговорите со ЕУ, порача хрватскиот претседател, иако оцени дека правилото за едногласност е јасно


Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, порача денес од Скопје дека на Македонија треба да и се помага, но не треба да се третира „како земја посебен случај, земја со посебни потреби или земја со грешка“, туку како земја која има некои проблеми бидејќи некои не се согласуваат со некои работи зад кои стои таа. Сепак, тој забележа дека не треба да живееме во илузија и дека, иако претседателката Гордана Сиљановска Давова треба да продолжи да се повикува на европското право за да продолжат преговорите за членство, ЕУ не функционира така, на што и Хрватска била сведок, заради чисто израмнување на сметките, мислејќи веројатно на сопките од Словенија. 

„Во ЕУ има некои добри работи, ама не се сите добри, особено не сега“, забележа Милановиќ порачувајќи дека во тој правец повеќе нема да кажува. Притоа, директно ја прокоментира дилемата што очигледно ја почувствувал во Македонија, дали треба да се продолжи на европскиот пат или да си бараме алтернатива, бидејќи дел од условите за членство ги доживуваме како неправда и излегување од Копенхашките критериуми. Надоврзувајќи се на благодарноста изразена од претседателката Сиљановска за советите што ги дал зад затворена врата, тој рече дека нема јавно да ги изнесува бидејќи ни се  доста „советите што ги добиваме од соседи, од меѓународни дипломати, од Европската комисија…

„Сите тие совети не се паметни, ниту пак се корисни за вас. Ги примате како вреќа сол, но работите по свое и сами одлучите што е корисно за вас. Немојте да бидете само жртва на принудите и на изнудувањата кога станува збор за преговорите со ЕУ. И, притоа не влегувам во полемика и не мислам на Бугарија, бидејќи правилата на ЕУ се јасни –  треба едногласност.  Додека некој е против, Македонија не може да напредува . Единствено решение е да процените  дали тоа е најважно прашање за вас и за вашите граѓани или има друго на што можете да работите. Но, тоа е ваша одлука, јас совет за тоа немам“, рече Милановиќ.

Запрашан пак за воениот договор на Хрватска со Албанија и со Косово, што беше потпишан неодамна и кој отвори дилеми кај нас дали треба да се приклучи и Македонија, Милановиќ беше целосно прецизен. Според него, воопшто не станува збор за договор за воена соработка туку за декларација која нема тежина на меѓународен документ, зад која застанал иако не учествувал во неа.

„Да сум од Македонија не би размислувал воопшто за тоа, но е на трагот и на траекторијата на хрватската надворешна политика и затоа го поддржав. Македонија е земја членка во НАТО, и доволно е тоа.Ова (што го потпишаа) е пригодна манифестација  на добра волја ,а не фундамент за меѓународни односи“, порача Милановиќ.

 Сиљановска, која си најде сепак соговорник што ќе ги ислуша нејзините поплаки, рече дека Копенхагенските критериуми се тие кои ќе не направат „стандардна европска, досадна држава“, но ветото не е пријателски инструмент. Оценувајќи ги како традиционално пријателски односите со Хрватска, за кои кажа дека во сите сфери одат напред, таа истакна дека никогаш нема да биде заборавено дека во 2020 година, за време на хрватското претседателство во ЕУ, го направивме чекорот заедно со Албанија.

„Тоа е знак на разбирање, знак на поддршка. Хрватска и покрај тоа што е членка на ЕУ има разбирање за регионалните потреби, има разбирање за Западен Балкан. Многу пати претседателот повторува дека сме географски, културно, историски дел од Европа. Во однос на нашето чекање за ЕУ верувам дека Копенхангенските критериуми се тие што ќе направат стандардна европска досадна држава, но ветото не е пријателски инструмент и очекувам разбирање. Се разбира ние мора да ја тераме државната агенда, бидејќи легитиметот извира од граѓаните, мислам економски, културно, научно да се развиваме“, нагласи Сиљановска.

Според неа, Македонија  е многу напред во однос на хармонизирањето со европското законодавство, но нашите проблеми имаат поинаква природа.

„Нашите проблеми се врзани, што е многу чудно, за историјата, за перцепцијата на културата, па дури и за јазикот, нешта за кои не се разговара и преговара. Мислам дека ветото и натаму ќе предизвикува проблеми, дека нема да останеме осамен случај и дека на некој начин треба да си го бараме местото  во рамки на Копенхагеншките критеиуми“, рече таа и додаде дека во целиот тој контекст мошне важни се и добрососедските односи. 

Запрашана дали стои цврсто на определбата за Македонија во ЕУ, Сиљановска рече – да, се разбира.

„Сите анкети покажуваат дека нешто што е нормално е да влеземе и политички во ЕУ, бидејќи географски, историски и културно отсекогаш сме биле дел од ЕУ. Ако сте добиле 20-тина позитивни извештаи за напредокот од ЕК, тоа значи дека дека тие се сериозни и дека имало причина за препораката. А, Советот велел НЕ, на толку многу ДА. Тоа не е поради неисполнување на Копенхашките критериуми, туку заради прашања што на некој начин бараат ревизија на историјата. Има нешта за кои можете да преговарате бидејќи се рационални и според принципите на условен пристап до ЕУ, но има нешта за кои не можете да ги исклучите емоциите, и тоа е ирационално. Да, граѓаните се за таму, но човек мора да мери понекогаш дали досегашните отстапки водат кон нешто и дали е ова крај на отстапките“, рече Сиљановска. Па, додаде дека во Договорот за пријателство со Бугарија нема ниту еден член кој вели дека треба да преговараме за историјата, за за културата и за јазикот. Таа ги наброја и сите документи на ЕУ и ОН во кои стои дека Унијата го почитува националниот идентитет и  уставот за земјите  така што ова што ни се случува говори за самата ЕУ, за нејзиниот кредибилитет  и за односот ЕП, ЕК и Советот и е неодржлива ситуација.