Мијатовиќ: Ќе има ли различен третман во обработката на барањата за aзил во Италија и во Албанија?


 Високиот комесар за човекови права во Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, изјави дека договорот постигнат меѓу Албанија и Италија за имигрантите ја зголемува загриженоста за човековите права.

– Меморандумот за разбирање иницира голем број важни прашања за влијанието што може да го има неговото спроведување врз правата на бегалците, барателите на азил и имигрантите. Меморандумот создава ад хок екстериторијален режим на азил, кој се карактеризира со многу правни нејаснотии. Во пракса, недостатокот на правна сигурност веројатно ќе ги поткопа гаранциите на човековите права и одговорноста за прекршување на правилата, што ќе резултира со различен третман помеѓу оние чии барања за азил ќе бидат обработени во Албанија и оние кои ќе бидат обработени во Италија, наведе Мијатовиќ.

Таа посочи дека овој меморандум е показател за желбата покажана и во другите земји-членки на Советот на Европа, кои разгледуваат различни модели за барателите на азил како „брзи решенија“ за сложените предизвици што ги носи доаѓањето на бегалците, барателите на азил и имигрантите.

– Сепак, овие мерки значително го зголемуваат ризикот од изложување на бегалците, барателите на азил и мигрантите на кршење на човековите права. Пренесувањето на одговорноста преку границите од страна на некои држави ги стимулира и другите држави да дејствуваат, што ризикува да создаде домино ефект што ќе го поткопа европскиот и светскиот систем за меѓународна заштита, наведе Мијатовиќ.

Албанскиот премиер, Еди Рама и неговата италијанска колешка Џорџа Мелони, на 6 ноември потпишаа договор, според кој Италија ќе трансферира во Албанија имигранти, за што Италија ќе ја финансира изградбата и функционирањето на прифатните центри.

Договорот ќе почне да се применува на пролет следната година. Според протоколот што го објави албанската Влада, Италија ќе депонира 16,5 милиони евра на посебна сметка на трезорот на Албанија, како аванс за сместување имигранти. Истиот беше критикуван од организацијата за човекови права, Амнести интернешенел, која го нарече „незаконски и неприменлив“.

Во двата прифатни центри, оној во пристанишниот град Шенѓин и во поранешната, сега напуштена воена база, Ѓадр, каде ќе се градат центрите, месечно ќе бидат сместени по 3.000, додека на годишно ниво 36.000 имигранти.