Мијалков влезе во струшкиот затвор


Ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, се пријави во затворот во Струга за да ја
издржува затворската казна од три години, која ја доби откако се спогоди за
случајот „Империја“. До затворот дошол сам со куфер. 

 Мијалков еднаш го одложи издржувањето на затворската казна поради здравствени причини. Во меѓувреме, во хотелот „Мериот“ го славеше раѓањето на неговата прва внука, од синот Јордан. Двадена подоцна, без да побара ново одлагање, се јави на издржување на казната.

Според неофицијални информации, Мијалков на почеток не може и нема да 
ужива погодности како што се право на работно ангажирање и одмор. Тоа ќе
треба да му се овозможи по еден месец од почетокот на издржување на
затворската казна. Потоа, ќе може да излегува во текот на денот, а во затворот
само да преноќува, како работно ангажирано лице.

Издржувањето на затворската казна во затворот во Струга, кој е од отворен тип,
наиде на бурни реакции кај јавноста. Министерот за правда, Никола Тупанчески,
ова го нарече „затворски туризам“, бидејќи погодностите во овој затвор се многу
поголеми, а Мијалков не е прв кој искористи прилика да одлежи казна таму, со
промена на живеалиштето во Охрид.