Мијалков слободно може да се шета во Монако – целосно е ослободен од затворска казна
Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков е слободен човек и слободно може да се шета во Монако, произлегува од одговорот од Кривичниот суд што го објави редакцијата „Слободен печат“.
Иако за него се водеа шест судски постапки единствено одлежа затворска казна само за случајот „Империја“ и тоа во отворениот струшки затвор каде работеше како шофер откако се спогоди со Јавното обвинителство призна вина и доби тригодишна затворска казна и конфискација на имот. На 23 мај минатата година излезе од затворот во Струга со условен отпуст одобрен со решение на Апелациониот суд Скопје кој првично траел до 25 април 2025 година.
-Претходно Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје, на 29.03.2024 година, го уважи барањето за условен отпуст поднесено од Директорот на КПД Струга, за условен отпуст на С.М. со што решението е истиот да се отпушти од издржување на затворската казна на 25.12.2024 година, согласно кое решение Условниот отпуст трае до 25.04.2025 година, при што осудениот е должен да ги исполнува обврските кои ќе му бидат определени од пробациски службеник во подрачна Пробациска канцеларија на Управата за извршување санкции при Министерството за правда, велат од Кривичниот суд за „Слободен печат“.
Но, Мијалков се жалел на ова решение, па Апелациониот суд ја усвоил жалбата со што решението го преиначил и Условниот отпуст почнал да важи од 23 мај 2024 година, кога излезе и од затвор.Мерката за претпазливост, времено одземање на патната исправа му била укината по добиено позитивно мислење од надлежното јавно обвинителство на 26 април 2024 година, уште пред да излезе од затвор и била доставена на чување во МВР.