Мијалков го нема, Мицкоски бара оставка од владата


Додека трае потрагата на МВР по Сашо Мијалков за да му биде предадена одлуката на судот за домашен притвор, лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, побара оставка на целата влада. 

„Одамна реков, мафијата има своја држава. Нема дно кое не го пробија. Оставка на Владата веднаш!“, напиша Мицкоски на Фејсбук.

ВМРО-ДПМНЕ го исклучи од своите редови Мијалков и сегашното раководство тоа го претстави како еден од најважните чекори со расчистување во партијата и своевидна катарза.

Од Кривичниот суд денеска појаснија дека барањето за притвор за Сашо Мијалков од Обвинителството било поднесено вчера во 15 часот. Веднаш било донесено решение за мерка куќен притвор со 24-часовен надзор како и видео и електронски надзор, а во 18:30 часот решението предадено до МВР како надлежни за понатамошно постапување.

Со одлука на судот уште одамна на Мијалков (првоосомничен во клучниот процес на СЈО – „Таргет-Тврдина“) му е одземен пасошот, поради што тој повеќе години се наоѓа на таканрачената „стоп листа“ на сите гранични премини, што значи дека преку нив не може да ја напушти државата.