„Михајло Пупин“ – прво средно училиште што доби фотоволтаична централа


Прва фотоволтаична централа во училиште во Македонија е поставена денеска на средното училиште „Михајло Пупин“, коешто го прославува и својот патронен празник.

– Горд сум на учениците на ова училиште коишто ја дадоа оваа иницијатива и еве денеска и јавноста може да види како функционира нејзината реализација. Овој проект е доказ дека соработката на институциите на секое ниво може да вроди со сериозен квалитет и иновативност, идејата на учениците поддржана од Фондот за иновации и од директорот на средното училиште, како и од Градот Скопје, ни го даваат овој уникатен пример. Ова средно училиште, иако со мала моќност од 12 KW и 42 панели, сепак може да биде пионер и да воведе една мини револуција во пристапот и кон животната средина, меѓутоа и во пристапот кон енергетската ефикасност – рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Тој додаде дека со инсталирањето на оваа централа учениците во пракса ќе можат да видат како функционираат фотоволтаичните централи и дека во текот на наредната година Градот заедно со училиштето ќе собере пари целиот покрив да го направат еден фотоволтаичен панел.

За реализација на овој проект учениците од „Михајло Пупин“ добија грант од Фондот за иновации во висина од 270.000 денари, а преостанатите средства до 600.000 денари, колку што чини централата, се од буџетот на училиштето.