Мицкоски сега се плаши Македонија и Албанија да не бидат раздвоени на патот кон ЕУ

Од една страна тврди дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат за уставните измени, а од друга дека Македонија и Албанија не треба да се раздвојат на патот кон ЕУ.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ денеска за прв пат индиректно призна дека двете соседни земји, кои во ист ден пред една година го започнаа скрининг процесот со ЕУ може понатаму да не одат во тандем, туку секој со својата среќа или внатрешна блокада. На такво нешто повеќе месеци предупредуваат не само министри што доаѓаат во македонија, туку и функционери во Брисел.
Христијан Мицкоски таа евентуална разврска ја оцени како „историска грешка и неправда“.
„Јас и посакувам среќа и успех на Албанија и на сите останати држави, но ако овие бирократи тоа го дозволат, ќе направат уште една историска грешка и неправда кон овој можеби малуброен народ, но горд и достоинствен народ. Ние ќе се бориме да ги подобриме лошите услови, кои оваа криминална влада им ги направи на граѓаните“, изјави денеска Мицкоски по средбата со претставниците на Стопанската комора на северозападна Македонија.
Ви исто време тој рече дека ставот на партијата околу уставните измени останал ист и очекува „европско однесување“ на стратешките партнери на државата.
„Нашиот став е аргументиран и до сега непроменет. Не гледам причина под ваков притисок, тој да биде променет. Тој е поддржан и од органите на партијата, од пратеничката група и очекуваме европско однесување кај нашите стратешки партнери и со една идна влада да седнеме, дел од тие околности кои се проблематични и нас нѐ загрижуваат, да бидат променети“, рече Мицкоски.
Тој потврди дека утре ќе бидат присутни во парламентот кога ќе биде ставена точката на дневен ред во Уставната комисија, но пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат против.
„Утре ќе бидеме присутни во парламентот, и кога ќе биде точката ставена на дневен ред, членовите од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат против. За да почнат уставните измени, нема никаква потреба во првиот чекор да имаме содржина за нив. Очигледно е дека овие луѓе повеќе сакаат да им слугуваат на Радев и Бугарија, отколку на македонскиот народ. Нема да поддржиме отворање на иницијатива која што во овој момент ќе значи отворање на Уставот“, додаде Мицкоски.
Прашан за наводните претпоставки дека Џафери ќе ја отвори седнацата на 18 август, ќе ја прекине и одложи на неодредено време, додека не го обезбеди двотретинското мнозинство, Мицкоски речеи дека такво нешто нема да има, бидејќи како што рече, „ако мислеа дека тоа е добар политички потег, можеа изминативе година дена тоа да го направат“.