AХВ: За да не се затруете, внимавајте како ја чувате храната пред да ја јадете


Порастот на температурите, кој неделава според најавите на синоптичарите во одредени региони ќе го надмине четириесеттиот степен, ги зголемува и потенцијалните ризици од појава на труење со храна и претставува потенцијална опасност и за здравјето на животните доколку за нив, навреме не се обезбедат доволни количини храна и вода за пиење, предупредуваат во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

„За да се спречи евентуална појава на труење со храна кај граѓаните, неопходно е да се направи правилен избор и нејзина набавка, да се обезбеди соодветен транспорт и услови за чување. Да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување на храната, да се купува храна од проверени места каде има соодветни услови за чување и каде производите, особено лесно расипливите од животинско потекло се чуваат во разладни уреди“, велат оттаму.

Во услови на високи температури, треба да се избегнува да се купува и консумира храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна да не се чува долго време во автомобилите и во други транспортни средства на несоодветна температура.

„Да се одбегнува купување на и разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или замрзнувач. Разладената храна треба да се чува на температура пониска од 5 степени целзиусови, а храната која треба да се зготви термички да се обработи на темпeрaтура повисока од 60 степени целзиусови. Овошјето и зеленчукот пред консумација темелно да се измијат под млаз вода, месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат“, велат во АХВ.

Кога станува збор за консумирање на храна во угостителските објекти треба да се води сметка тоа да бидат оператори кои водат сметка за хигиената и безбедноста на храната и да имаат добра репутација. Во објектите за брза храна одбегнувајте ги додатоците кои не стојат во ладилник како што се мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи и слично.