Мицотакис го држел две години во фиока договорот за нова сигнализација на железницата


Европското јавно обвинителство  започнало истрага за договорот за надградба на сигналниот систем на грчките возови. Доколку системот беше функционален, оваа опрема можеше да ја спречи железничката несреќа на 28 февруари, во која загинаа повеќе од 50 луѓе.

„Можам да потврдам дека навистина има тековна истрага, гледајќи исклучиво на можни штети врз финансиските интереси во ЕУ“, изјави портпаролот на Европското јавно обвинителство  потврдувајќи го претходниот извештај на грчкиот весник Documento.gr.

Договорот „717“ беше потпишан во 2014 година и се однесуваше на реконструкција и надградба на сигналниот систем и далечинското управување на пругата Атина – Солун – Промачона. Documento.gr. објави дека бил доделен на  „ТОМИ“ (подружница на групацијата Актор) и француската мултинационална компанија „Алштом“. Сепак, едната од компаниите не ги обезбеди потребните сертификати и во комбинација со недостаток на технички капацитет, дојде до големи доцнења во реализацијата на проектот.Од своја страна, „Алштом“ ги имаше сите потребни акредитиви и можеше да продолжи со имплементацијата на својот дел од проектот.

Во 2017 година, грчките власти го упатиле случајот до Судот на ревизори кој одобрил дополнителен договор во август 2018 година. Иако дополнителниот договор беше одобрен од Судот на ревизори за да може да се имплементира целокупниот систем за сигнализација и компанијата Алштом ги потпиша дополнителните студии во јули 2019 година, дополнителниот договор беше потпишан од владата на Киријакос Мицотакис две години подоцна. Како резултат на тоа, системот за сигнализација и надзор не е поставен. Преостанатата работа за завршување на договорот 717 се очекува да трае приближно една година. Во меѓувреме, грчките железници се уште се регулираат рачно.

Од четвртокот, илјадници млади Грци излегоа на улиците протестирајќи и барајќи разјаснување за несреќата.Премиерот Киријакос Мицотакис ја припиша несреќата на „човечка грешка“, а неговата влада формираше „истражен комитет“ со специјалисти за да се расветли трагедијата и да се утврди одговорноста. 

Најголемата опозициска партија Сириза објави соопштение, во кое се вели дека еден од назначените во комитетот, Атанасиос Зилијаскопулос, бил  управен директор на грчките железници во периодот 2010-2015 година и е одговорен за намалувањето на рејтингот на грчките железници. Опозицијата рече дека во негово време бројот на вработените во железницата драстично се намалил, додека Центарот за далечинско управување финансиран од ЕУ – бил деактивиран. (Еурактив)