Мицотакис ги отфрли сценаријата за реконструкција на Владата поради поплавите


 За сите актуелни теми, за цивилната заштита, односно справувањето со пожарите и поплавите, за економијата, односите со Турција, но и со Албанија по „случајот Белери“, за истополовите бракови, но и за реакциите кај дел од граѓаните за новите биометриски лични карти, меѓу другото, говореше грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на традиционалната прес- конференција во Солун во рамките на Меѓународниот саем, јави дописничката на МИА од Атина. 

За речи два и пол часа, колку што траеше прес- конференцијата, Мицотакис одговори на над 30 новинарски прашања, опфаќајќи ги сите прашања важни за грчкото општество, но и порача дека засега нема никаква намера да прави реконструкција на Владата.

Во однос на неодамнешните поплави што ја зафатија земјата истакна дека никој не беше во можност да го предвиди тоа, бидејќи во минатото не се соочиле со нешто слично од толкави размери и потенцираше дека потребена е и подобра координација на сите инволвирани во цивилната заштита, да се спроведуваат повеќе вежби, за теоријата и бирократија, односно плановите што можеби постојат, да се пренесат во пракса.

На новинарско прашање за вчерашната најава дека треба да се отвори јавен дијалог за задолжително осигурување на недвижнините и домовите од природни катастрофи, објасни дека „многу е тешко буџетот да ги покрива сите штети и катастрофи од климатската криза“.

За односите со Турција во пресрет на средбата в среда со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Мицотакис истакна дека е позитивно тоа што се обновени каналите на комуникација со редовни средби и разговори на политичко ниво на шефовите на дипломатиите, како и преку мерките за градење доверба и промоција на позитивната агенда.

– Грција никогаш не ја смени стратегијата кон Турција, уште од 2019 година, имав волја да постои комуникација со Турција, прашањата да се решаваат врз основа на меѓународното право, а кога не се согласуваме, работите да не одат во крајност, истакна Мицотакис и повтори дека со Анкара преговараат единствено за одредување на Ексклузивната економска зона и континенталниот гребен во Егејското море и Источниот Медитеран, а Грција „никогаш нема да разговара за прашања поврзани со суверенитетот, со статусот на грчките острови“.

Во надворешната политика, одговори и на прашање за односите со Албанија, велејќи дека се во сенка поради случајот со притворениот градоначалник на Химара Фреди Белери и изрази загриженост „не само за фактот што е во затвор, туку што е лишен од можност да положи заклетва како градоначалник“ и дека постои прекршување на правилата на владеењето на правото.

За економијата и поскапувањата на цените посочи дека инфлацијата е глобален проблем, а одговорот на проблемот е зголемување на приходите.  

Грчките новинари побараа одговор од Мицотакис и за легализирањето на бракот на истополови двојки, за што рече дека е на агендата на владата за следните четири години и ќе се реши во овој мандат, но и за реакциите кај дел од Грците за новите биометриски лични карти, за што коментираше дека „малку е тешко е да разговара со апсурдното“ и објасни дека лична карта издадена во 1962 година не може да опстане во 21 век“.

Прес-конференцијата на Меѓународниот саем во Солун традиционално се одржува ден по говорот на премиерот на свеченото отворање, меѓутоа оваа година, поради поплавите предизвикани од невремето „Даниел“ и говорот и прес-конференцијата беа одложени за една седмица, па така наместо минатиот викенд се одржаа вчера и денеска.