Мицкоски зборува, Тошковски демантира

Фамозните „центри на моќ“ на премиерот се сомнеж, а не сознанија според шефот на МВР


Панче Тошковски (Фото: Б. Грданоски)

Не може да се докаже поврзаност или организација меѓу пожарите во последниот период, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за „360 степени“ на МРТ . Сепак, останува сомнежот, како што вели Тошковски, поради тоа што пожарите се случија во краток временски период.

„Засега не можеме да докажеме поврзаност или организација помеѓу настанатите пожари. И тоа е точно. Да сме можеле да докажеме, ќе имаше и други дејствија коишто ќе следеа кон други организирани групи. Но, факт е дека имаме пожар на четири ризични точки во последниве недела дена, многу ризични точки. И факт е дека со отпочнување на пожарите првиот ден гореа пет или шест многу ризични точки, неповрзани територијално една со друга, за пожарот да се пренесе од една на друга точка, и беа ужасно сомнителни. Но, да, не можеме сега засега да докажеме организација. Нема совршено злосторство, да знаете. Има само несовршена истрага“,вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Во однос на наводите изнесени од ВМРО-ДПМНЕ дека зад пожарите стои „злосторничкото здружение ДУИ–СДС“ и на премиерот Христијан Мицкоски за центри на моќ во државата, но и надвор од неа, Тошковски вели дека не може да открива детали во оваа фаза од истрагата.

„ Факт е дека она коешто ни се случува е надвор од еден разумен сомнеж дека нешто може да се случи во рамки на една ‘касус’ ситуација, какви што сме ги гледале многу пати во минатото. И мене лично никој не може да ме убеди дека овие три-четири дена, палењето на пожарите, на депониите во Скопје, пазете сега имавме запалување на ‘Дрисла’, имавме запалување на Вардариште, имавме запалување на депонија во општина Шуто Оризари, имавме запалување на фабрика којашто се занимава со рециклирање на електронски отпад во Трубарево. И тоа сè се случува во четири дена“, рече Тошковски.

Но, на прашањето кој центар на моќ  се насочени сомнежите се повика на доверливост на истрагата.

„Јас во овој момент не би си дозволил да изнесувам во јавност сè она коешто е поврзано со детали во рамки на предистражната и истражната постапка којашто ја водиме во моментов“.

На прашање зошто палењето на депониите би било од некој кој не сака оваа влада да успее, како што вели премиерот, ако е познато дека и претходно горело Вардариште, како во 2023 и 2024 година, за што зборуваше и самиот Тошковски на прес-конференцијата, министерот го повтори ставот дека пожарите се случиле во близок временски интервал, иако за Трубарево  нема осомничен во насока на ова, дека одреден центар на моќ влијаел за да се подметне пожарот.