Мицкоски зборува против рудникот Иловица, а ВМРО-ДПМНЕ ја додели концесијата
Политичка битка се разви околу рудниците Иловица-Штука во која двете големи партии се обвинуваат меѓусебно.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека рудниците Иловица-Штука биле бизнис зделка на ДУИ и СДСМ, а СДСМ го потсетува дека токму владата на Никола Груевски во 2012 и 2013 ги издала првите концесии.
„Безобразие е Мицкоски од криминалната ДПМНЕ која го создаде проблемот да зборува за Иловица. Проблемот со Иловица го создаде токму неговата ДПМНЕ, неговиот Никола Груевски на кого му беше советник.
Во 2012 и 2013 година се започнати сите постапки за Иловица и доделени првите концеции.
Постапката за отворање на рудник во Иловица и склучувањето на договорот за концесија од страна на Владата на Никола Груевски и ДПМНЕ, во време кога Мицкоски беше негов советник.
И денеска Мицкоски ли ќе зборува за Иловица? Криминалец да обвинува за криминал?
Со години СДСМ се обидува да ја исправи неправдата врз граѓаните создадена од ДПМНЕ и заглавена во судски лавиринти.
Ставот на СДСМ за Иловица е ист како ставот на граѓаните од овој регион и не е променет, ќе се преиспитаат одлуките и нема да се дозволи загрозување на животната средина и постапки против волјата на народот“.
Мицскоски од Демир Хисар изјави дека е крајно лицемерно што министер од владата, алудирајќи на министерка за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, која ја донесе одлуката за рудниците, најави дека ќе присуствува на протестот против рудникот во Иловица.
„Ако не се согласува со таа одлука може уште истиот ден да поднесе оставка. Зошто не поднесе оставка? Еве денеска нека ја најави својата оставка, нека поднесе оставка и нека замине од политичката сцена“, рече тој.