Мицкоски најави и кандидати Албанци за пратеници


 Законот за една изборна единица не зависи од ВМРО-ДПМНЕ, изјави лидерот на оваа партија Христијан Мицкоски сугерирајќи дека кочница за таквата промена е власта, а не опозицијата. 

„Тоа не зависи од ВМРО-ДПМНЕ која го  поддржува тоа. Затоа го повикувам  Љупчо Георгиевски,  Маја Морачанин, Павле Трајанов и овој министеров за локална самоуправа Горан Милевски и останатите да го направат тоа што си  го ветија пред граѓаните, пред народот,дека ако нема една изборна единица ќе ја напуштат Владата. Еве помина април месец и тоа беше крајниот рок, а денеска сме 14-ти мај, две недели потоа, а нив ги нема никаде, ни да гукнат ни да бекнат. Мила им е власта, привилегиите им се мили, народот тоа го плаќа за жал, но не сфаќаат дека секоја работа има свој почеток и крај. Така што колку побргу сфатат дека крајот доаѓа, толку полесно ќе паднат. Колку повеќе се инаетат, толку потежок ќе им биде падот“, нагласи Мицкоски.

Тој нагласи исто така дека активната блокада не е инстант акција и дека  во понеделник, на седница на Извршниот комитет, ќе се отвори дискусијаи за вториот и за третиот чекор.

Според Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ планира на следните листи за пратеници да има и кандидати Албанци. Тој веќе бил во контакт со Албанци и потенцијални кандидати од други етнички заедници. Целта на македонската опозиција е на овој начин, како и СДСМ, да се приближи до квалификувано мнозинство, познато како Бадентер. Опозицискиот лидер го повтори ставот дека ВМРО на следните избори цели да освои најмалку 61 пратеник, а приоритет за партнерство ќе има албанската опозиција.

„Зошто да не кога имаме членство од сите етнички заедници. Македонија им припаѓа на сите луѓе. Ова е нашата кампања. Секој што има амбиции, квалитети и одговорности да работи за Македонија и да не се срами како оние министри што се срамат да покажат дека се македонски министри и се срамат да се сликаат покрај македонското знаме, се добредојдени. Ве охрабрувам и ви кажувам дека имам контакти со некои од нив Албанци, Турци, Роми, Бошњаци, Власи итн, за да се најдат на следната победничка листа на ВМРО-ДПМНЕ со најмалку 61 пратеник“, изјави Мицкоски.  И покрај тоа што сака да го обезбеди двотретинското етничко гласање познато како Бадентер, Мицкоски останува и на идејата за отстранување на овој принцип заедно со определбата за 20 проценти и балансерот за време на вработувањето.

Запрашан дали постојат шанси за достоинствено тргање на ветото на македонско-бугарската средбата која неверојатно ќе се случи на 22 мај во Скопје, тој истакна дека или Македонија ќе биде понижена од страна на хегемонистичките барања на Бугарија, или ветото нема да биде тргнато.

„Не мислам дека постојат шанси за достоинствено тргање на ветото. Или ќе бидеме понижени и омаловажени од страна на хегемонистичките барања на нашиот источен сосед или нема да биде тргнато ветото и тоа е моја позиција, позиција на ВМРО-ДПМНЕ“, истакна Мицкоски.

Тој уште еднаш упати порака до политичарите во Брисел да го исполнат тоа што го ветуваа за Македонија конечно да ги почне преговорите за влез во ЕУ без недостоинствени отстапки.

„Повторно еве ја користам оваа прилика да упатам порака до Европа, до Европската Унија, исто така како што се обединети околу руската агресија во Украина да бидат обединети околу политичката агресија на Бугарија врз Македонија и да ни дозволат конечно да ги почнеме тие преговори без било какви условувања, без било какви понижувања и без било какви недостоинствени отстапки. Бидејќи јас бев сведок кога истите тие политичари од Брисел ветуваа дека оној срамен Преспански договор е последната отстапка што оваа држава треба да ја направи пред да стане полноправна членка на НАТО и да ги почне преговорите за полноправно членство во рамките на ЕУ“, потенцираше Мицкоски.