Мицкоски за УЧК: Убивањето службени лица од заседа не е правична борба

Од нафталин е извадена уште една тема која има за цел да ги дефокусира граѓаните од неуспесите на власта и немањето никакви подобрувања една година откако ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ ја формираа коалиционата Влада. Место да објаснува како да се живее со минималната плата премиерот Христијан Мицкоски, во текот на денешната посета на општина Петровец, ја толкуваше изјавата на вицепремиерот Изет Меџити за „оправданата и разумна борба на ОНА во Македонија во текот на конфликтот во 2001 година“.
„Ја слушнав таа изјава и тука апсолутно имаме различни гледишта на работите. Не може да биде апсолутно разумна и праведна, а од заседа да се убиваат припадници на Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана.
Но, повторно ќе кажам, тоа се теми кои се дел од минатото, затворени со Рамковниот договор, а со последните законски измени, конкретно законот за правична застапеност, којшто е во Венецијанската Комисија, тој е затворен. Нашиот фокус како Влада е иднината. Тоа е она што ние сакаме да го видиме. Ова се теми кои се затворени и јас апелирам до сите разумни политичари да не играат на картата на ДУИ и на оние кои сакаат да не вратат 25 години назад.“, одговори Мицкоски.
Премиерот посочи дека суштината е да се работи на полето на носење на инвестиции со цел државата да се направи подобро место за живеење на сите граѓани.
„Ова е оската околу која треба да се обединиме. Ќе повторам, да ги оставиме политичарите коишто делеа во минатото. Тие немаат тема на иднината. Тие не знаат што е иднина. Тие се заглавени во сопствената матрица на минатото. Погледнете, 14-15 месеци опозиција, единствената порака која доаѓа од ДУИ, заедно со коалиционите партнери СДСМ и Левица, е токму тоа, поделба. Затоа апелирам до сите да се воздржиме од било какви теми коишто не враќаат назад во минатото, да гледаме кон теми во иднината. Инаку апсолутно тука различно ги гледаме работите, не може некој којшто од заседа кукавички одземал животи, да биде праведна и чесна војна, барем во Македонија, не коментирам за соседството.“, заклучи премиерот.
Од ДУИ пак оценија дека е парадоксално што премиерот зборува за „невраќање во 2001 година“, додека секојдневното практикување на владеењето на неговата влада е враќање назад кон дискриминација, мајоризација, исклучувањето и кршењето на правата на Албанците и другите заедници.
„Потсетувањето на 2001 година не е стара тема, туку потсетување на цената што граѓаните ја платија за еднаквоста и за Охридскиот договор, кој денес отворено се прекршува од актуелната влада.Наместо да нѝ држи лекции околу тоа за што треба да зборуваме, премиерот треба да им објасни на граѓаните зошто:
• го укина на противуставен начин правичното и соодветно застапување како уставна вредност што произлегува од Охридскиот договор,
• мајоризацијата се врати во одлучувањето, дури и во Уставниот суд каде одлуките сега се усвојуваат со етничко надгласување,
• неговата партија предложи укинување на Законот за употреба на јазиците, а тој е најголемиот застапник на идејата за негово непочитување,
• во администрацијата Албанците се дискриминираат,
• албанскиот јазик се игнорира од институциите,
• албанската дијаспора е исклучена од процесите на одлучување и од финансиската поддршка од власта, вклучувајќи го и противуставното намалување на бројот на општински советници,
• развојните проекти во албанските општини се блокираат, а инвестициите ги заобиколуваат областите каде живеат Албанци,
• концептот на „српскиот свет“ е претворен во државна политика, потврдено и во последниот извештај на Европскиот парламент,
• ја блокира европската иднина,
• бега од ветинг,
• не ја поддржува иницијативата за истрага на секој функционер,
• се избегнува истрага за процесот на приватизација.
Сега го поставуваме прашањето кој нѐ враќа 30 години назад? Вие или ние?- порачаа од ДУИ, во уште една од историски ракав извадена полемика – како и многу претходни пред изборите со кои ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ навидум се напаѓаа, а реално си правеа меѓусебно повисок рејтинг, за да по избори си направат и коалиција.