Мицкоски за пресудата за Теодора: Ова не е правда

Премиерот Христијан Мицкоски се приклучи денес на хорот од реакции за пресудата изречена од страна на судијата Ељведин Ферати за лицето што ја прегази 22-годишната Теодора Ристевска од Тетово.
„Не смееме да делуваме отсутно и да не реагираме за случаите кои силно удираат по правдата. Вчера јавноста се згрози од случајот во Тетово. На првото судење во ноември 2023 година по признавање на вина сторителот беше осуден на 3 години и шест месеци затвор. По жалба апелацискиот суд му ја намали казната на две годни затвор, за да Врховниот суд го врати предметот на повторно судење. Вчера судот во Тетово му досуди две години затвор на сторителот кој смртно ја прегази 20- годишната Теодора. Има ли некој во државава што смета дека тука е задоволена правдата. Јас не само што не сметам дека има правда туку сум и разочаран“, рече Мицкоски на конститутивна седница на Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата.
Според него, случајот треба да се преиспита и одговорните за ваквата пресуда да одговараат, по оценката дека системот потфрлил тука по сите основи.
„Јавно барам од Судскиот совет да се преразгледа работењето на овој судија и уште еднаш да се анализира оваа пресуда. Ова не е партиска борба, ова е битка за вистината, за одговорноста, за правдата. Затоа што ова е борба меѓу луѓе и нелуѓе. И луѓето мора да победат. Само така можеме заедно да победиме. Ако овој систем не се ресетира сега, ако не се преземат мерки сега, тогаш за бадијала ни е се. Ова не е прашање за политика, ова е прашање на иднината. Кој бил дел од ова? Кој дозволил? Кој гледал на страна – ќе одговара! И институциите и одговорните лица и сите кои на било кој начин придонеле за оваа трагедија да се случи. Секој што ја злоупотребил својата моќ, секој кој го ставил својот интерес пред безбедноста на граѓаните, ќе се соочи со правдата. Ова нема да биде уште еден случај што ќе се затвори без одговорност. Лично ќе го следам и јас ви ветувам дека правдата ќе ја истераме до крај“, рече тој.
Пресудата за Теодора вчера силно ја разбранува јавноста при што се правеа споредби со други случаи каде што за поблаги дела се добиваа многу повисоки казни. Дополнително се отвори и прашањето за кредибилноста на судијата Ферати кој според наодите на ДКСК првично имал пречкртани оценки во досието на Тетовскиот иниверзитет, но истрагата на обвинителството покажала дека испитите ги полагал повторно за да добие повисок просек и за да може да конкурира на Академијата за судии.