Мицкоски за Папазов: И Свети ВМРО да е, ќе одговара ако направил грешка
Прашањето за време на изјавата дали ќе даде формалната оставка премиерот Мицкоски го оцени како „валкана игра“ на новинарот

Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли денес прашањата на новинарите дека е можно градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, да не одговара за трагедијата во Кочани, со оглед на информациите оти е пуштен на слобода по исказот пред обвинителите – иако според законот Општината била надлежна да има регистар на ноќни клубови и да наплатува лиценца.
Мицкоски исто така беше запрашан зошто оставката на градоначалникот сѐ уште не е потпишана, на што тој одговори дека сега морал да биде во Скопје и кога ќе може ќе отиде во Кочани и ќе ја официјализира. Притоа Мицкоски нервозно тврдеше дека и „брат да му е, и сестра да му е“ некој што направил грешка околу трагедијата ќе одговара, но дека одлуката за тоа ќе ја донесе Обвинителството.
„Дали има и колкава е одговорноста на градоначалникот ќе утврди Обвинителството. Градоначалникот во својата оставка напиша дека е на располагање, тука е и никаде не бега. Колку што сум запознаен, денес истражните органи ќе влезат во општината и ќе ги проверуваат документите. Ако пледирате дека тој е од ВМРО-ДПМНЕ па го штитиме, се лажете. Свети ВМРО нека биде, ќе одговара. Некој сестра или брат да ми биде, ќе одговара. Тоа досега сме го покажале“, рече Мицкоски.
Прашањето пак за формалната оставка на премиерот Мицкоски го оцени како „валкана игра“ на новинарот порачувајќи дека не е проблем да појде во Кочани и да се потпише на неа бидејќи совеста му е чиста, а и намерата.
„Ќе сторам сѐ и покрај оваа валкана игра на која пледирате и ќе изразам сочуство на граѓаните“, рече Мицкоски. Тој наедно ја повтори реченицата од првиот ден дека кривично ќе одговараат сите што имаат удел во трагедијата, а ако се бара морална одговорност тој е подготвен да ја прифати откако ќе ги порази коруптивните структури во државата ( т.е. никогаш). Тој наедно апелираше, како сите функционери на ВМРО-ДПМНЕ деновиве, да не се шират информации кои немаат врска со вистината без да каже конкретно што.
Во јавноста од вчера е присутен впечатокот дека ниту оваа трагедија нема да го смени политичкото однесување на тие што се на власта и дека за пожарот во Кочани пак ќе одговараат само лица од опозицијата, а ќе се заштитат своите, бидејќи незаконското работење на дискотеката е толку очигледно – ако се погледне и фотографија. Денес и партијата Левица го праша ВМРО-ДПМНЕ зошто го амнестира градоначалникот, а се апсат „ситни риби“.
-Ова е образецот на Пријавата, кој согласно закон се поднесува до него – и во случај на отворање ‘кабаре’. Значи тој, по службена должност, знаел за диско-шталата! Легитимното прашање е зошто тој и општинските инспектори не презеле мерки за контрола и затворање на објектот? Оти, кривични дела се прават и со непостапување“, порачаа од Левица.
Инаку во Член 8 од Законот за угостителска дејност, стои дека „градоначалникот на Општината, а во Градот Скопје градоначалникот на Општината на подрачјето на Град Скопје, води евиденција на угостителите кои отпочнуваат со работа на нивното подрачје“.
Јавноста се прашува зошто не е утврдена одговорност и во редовите на МВР, иако по хиерархиска одговорност 48 часа се држи во притвор поранешниот министер за економија Крешник Бектеши. Дилемата е што правеле началниците во СВР Штип цели 13 години.
Дискотеката „Пулс“ има лажна лиценца за кабаре која никој не ја проверил. Надлежност околу лиценците и работата на локалите, инаку, покрај општината имаат Министерство за економија, Пазарниот инспекторат, МВР, но и уште неколку инспекции кои требале да ѕирнат дали има исполнето санитарни, работни, технички, безбедносни услови за работа. Има повеќе инспекции кои даваат документ за објектот дали е адаптиран спрема проектот, за висина, вентилација, ППЗ опрема, повеќе излези… Тие се обврзани да го посетат објектот и да ги проверат условите за работа, но прашање е колку од нив можеле и што можеле да изречат како казна, бидејќи е голема поврзаноста меѓу политиката, бизнисот и агенциите за обезбедување. МВР, пак, треба да проверува дали има малолетници и дали им се служи алкохол и да даде дозвола за користење на пиротехниката во зависност од тоа какви се условите.
Премиерот на денешната прес-конференција негираше дека ВМРО-ДПМНЕ неформално има своја безбедносна агенција, по новинарската констатација дека ваквите агенции се мост меѓу власта и бизнисмените, т.е. на таков начин им обезбедуваат заштита од гонења. Тој најави и итна измена на постојните закони, кои дозволуваат сопствениците на локалите преку нотарска изјава, а не институциите, утврдуваат дали се исполнети условите за нивното работење.
„Ако ми дадете еден доказ, утре ќе поднесам оставка, ако не, да се извинете, бидејќи ја споменавте. Дали се чувствувале комотни? Очигледно комотни, но дали ќе се чувствуваат и понатаму, јас за жал не можам да го вратам времето назад и да коригирам сѐ од претходно. Дали тие што отвораат втора, трета врата, ќе ги исполнат техничките услови? Не, нема да ги исполнат. Минимум техничките услови побаруваат многу други услови. Втора врата не значи исполнување на минимум услови. Откако ќе констатираме колку од овие лиценци се важечки и колку се дадени како на локалот во Кочани, ќе следат законски измени и ќе се формира работна група. Тоа е криминал и растурен систем и поединци кои мислат дека се над системот. За ова ќе одговараат. Обвинителот рече дека ќе бараат најстрога казна. Барем ова да ни биде опомена никогаш да не се повторат вакви работи, рече премиерот.
Зборувајќи генерално тој рече дека го разбира револтот на граѓаните, но замоли на разум бидејќи со неправда, со анархија не се носи правда.
„Повикувам на разум , со неправда, со анархија не се носи правда. Дали со ова требаше да се справиме? И на ова ќе му дојдеше редот, но за жал тие се капацитетите на Владата“, рече премиерот.
Градоначалникот Папазов на функцијата е веќе три ипол години и досега имал милион можности да реагира а не го направил тоа. Протестот пред неговиот дом покажа што мислат кочанчани за неговата улога во трагедијата. (С.Ј.)