Мицкоски за Лутник: Македонската економија има пријатели во најмоќната економија на светот
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски очекува позитивни моменти од меѓудржавната соработка на земјава и САД, откако американскиот претседател Доналд Трамп го назначи Хауард Лутник за секретар за трговија во американската Влада, изјави денеска премиерот одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција по седницата на Владата под слоганот „Слушнете ја иднината“ по повод Светскиот ден на детето. Тој очекува дека Лутник ќе даде дополнителна вредност на американската, светската, а со тоа и на македонската економија.
-Да, се сеќавате кога господинот Хауард Лутник беше овде во Скопје во Владата. Разговараме за многу теми имаме лично пријателство. Очекувам секако само позитивни моменти од нашата идна меѓудржавна соработка како стратешки партнери. Јас сум убеден дека тој ќе донесе додадена вредност не само во американската економија туку и во светската, тоа ќе значи позитива и за македонската економија. Нормално честитав и очекувам само додадена вредност. Се сеќавате кога беа гости тука во Владата имаше и такви коишто тоа не баш позитивно го коментираа. Добро е што како Влада имаме пријатели во најмоќната економија во светот а тоа американската економија, го имаме првиот човек кој ја води најмоќната економија во светот со повеќе од 28, 29 трилиони бруто-домашен производ и како што кажав убеден сум дека тоа може да донесе само позитивни вести за македонските претприемачи, но и за македонските граѓани, изјави премиерот.
Претседателот на Владата, дополни дека и сега има голем број американски компании што веќе се присутни со свои инвестиции тука, коишто вработуваат македонски граѓани, произведуваат македонски производи кои се применуваат на американскиот пазар.
– Но и во иднина имаме голем број партнерски односи кога станува збор за план за американски инвестиции тука кај нас. Така што јас навистина сум оптимист и треба да внесеме оптимизам и да гледаме напред, да не ги гледаме со метафорична иронија на сите овие работи, изјави претседателот на Владата.