Мицкоски за Филипче: Не може да се биде и комита и јаничар во исто време


Фото: Б. Грданоски

 

„Зошто му се црвени линии? Сакам да кажам, дека и комита и јаничар во исто време не може“.

Вака одговара премиерот Христијан Мицкоски во интервју за Дојче веле на прашањето за резолуцијата што ја подготвува СДСМ за национален консензус околу европската интеграција.

„Проблемот е што Венко Филипче и оваа гарнитура на СДСМ го загубија кредибилитетот да зборуваат за црвени линии, откако претходно нема црвена линија што не ја пречкртаа. Прво самите поддржаа декларација што гарантираше непромена на името, па потоа го сменија. Веднаш потоа рекоа ‘ајде на референдум за името’, а потоа не ги признаа резултатите откако тој пропадна. Потоа се обврзаа на декларација за заштита на националните интереси пред бугарските барања – нешто што го предложи ВМРО-ДПМНЕ – и на тацна го донесоа францускиот предлог, а Филипче го бранеше дека тоа е најдоброто нешто за државата“, вели Мицкоски и додава:

„Тука има и едно лицемерие. Од една страна, Филипче се опкружува со некакви црвени линии, а во исто време вели дека промената на Уставот, каква што е содржана во францускиот предлог, е најдоброто нешто за државата. Тогаш зошто му се црвени линии? Сакам да кажам дека и комита и јаничар во исто време не може. Неговата партија се наоѓа во тотална безидејност и на оваа негова идеја гледам како на обид да наметне тема што би привлекла внимание. Но залудно. Го повикувам со нетрпение да ги видиме неговите црвени линии“.

Премиерот вели дека не е добро решение за иднината на државата ниту ан-блок прифаќањето на францускиот предлог, ниту прекинот на преговорите со ЕУ.

„Тоа за мене е капитулација и неодговорно пред граѓаните. Нашата задача е да се бориме за нашите државни позиции и да ги убедуваме дека е потребно дијалогот да биде двонасочна улица. Дека ако од нас бараат нешто, тогаш и Бугарија треба да испорача. Тие мора да ги исполнат своите обврски согласно европските и светските конвенции за заштита на малцинските права. Во тој дух, неопходно е да се обезбеди и место за претставник на македонското малцинство во Советот за малцински права, како што е пропишано со меѓународните стандарди и принципи за еднаквост, а ние да ги заштитиме нашите интереси“.