Мицкоски за Ципрас: Што ќе ни се такви пријатели, ако не нѐ прифаќаат какви што сме


Претседателот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешното отворање на изборниот штаб на кандидатот за претседател, Гордана Сиљановска, одговори на неколку новинарски прашања, а особено внимание обрна на посетата на Ципрас во Скопје кога не беше интонирана македонската химна и не беше поставена македонската гарда.

„Од власта велат изминативе две години дека има многу бенефит, откако се тие власт во Република Македонија, за жал не само што граѓаните тој бенефит никако да го почувствуваат со исклучок на неколку семејства блиски до власта. Претпоставувам таков ќе биде резултат од оваа посета на господинот Ципрас, ако е бенефит да се срамиме да ја построиме македонската гарда и да ја емитуваме македонската химна каде што јасно стои дека денес над Македонија се раѓа и дека Македонците се борат за своите правдини. Ако тоа го навредува нашиот гостин, тогаш чуму ни е сето ова кое што вчера ни се случуваше во Република Македонија?

Ако нашите пријатели не не прифатат онакви какви што сме, тогаш чуму ни се нас такви пријатели?

Јас воопшто во сите оние најави кои што ги кажува владата на СДСМ и Зоран Заев, граѓаните не веруваат. Првата практично испорака на тие неверувања ќе се случи на 21-ви април а тоа ќе биде потврдено на 5-ти мај, а јас сум убеден дека конечно еднаш премиерот ќе си остане на зборот и откако ќе доживее дебакл неговиот кандидат, неговиот избраник на овие претседателски избори ќе распише предвремени парламентарни избори и тогаш ќе ја види вистинската состојба во Република Македонија“, изјави Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ исто така истакна и дека професорката Гордана Силјаноска-Давкова ќе биде иден претседател на државата.

„Практично ние сме убедени дека професорката Гордана Силјановска Давкова ќе биде иден претседател на Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Подобра Македонија подржа надпартиски кандидат затоа што веруваме дека честитоста, личниот профил на кандидатот проф. Гордана Силјановска Давкова гарантира дека Македонија во иднина ќе биде едно поинакво општество и ќе излезе од ова политичко мочуриште коешто и се случува во Република Македонија од независноста до ден денеска“, изјави Мицкоски, кој потоа се осврна и на самата кампања која ја водат претседателските кандидати, односно дали е фер и демократска.

„ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија води една таква кампања, оптимистичка кампања, но истовремено мораме да ги потенцираме и сите оние недостатоци коишто за жал ги има во голем број и секојдневно се појавуваат на политичката сцена во Република Македонија. Мотивирани од настапите на кандидатот за претседател на СДСМ, мотивирани од настапите на премиерот Заев, така што не можеме да останеме имуни и да бидеме вакцинирани од сите оние негативни настапи на овие политичари од Република Македонија.

Често пати ги потенцираме на нашите настапи , односно даваме пример како не треба еден политичар да се однесува во Република Македонија, а професорката Силјановска преку својот пример води една позитивна кампања, практично ги претставува политиките коишто во иднина планира да ги води. Гледаме дека поддршката е се поголема, поддршката од ден на ден се зголемува и ние сме убедени во победата, најпрвин на 21-ви април, а потоа и на 5-ти мај каде што Македонија ќе добие претседател како што заслужува, надпартиски, човек кое што со своето лично CV, со својата биографија, со сиот оној кредибилитет којшто го има позади себе и како професор и како родител и како сосед и како другар ќе го гарантира“, заклучи Мицкоски.