Мицкоски за членовите на Судскиот совет: Не ја заслужуваат платата што ја земаат
„Ние работиме во интерес на граѓаните согласно закон и устав, а да, ќе се појавуваат таков вид таканаречени експерти коишто ќе толкуваат вака или така. Едно е јасно, а тоа го кажуваат граѓаните – дека овие луѓе се со доверба од 2 проценти и не ја заслужуваат повеќе платата којашто ја земаат“, изјави премиерот Христијан Мицкоски денес околу забелешките на дел од правните експерти дека тој потег е противзаконски и противуставен.
Премиерот вели дека не би се согласил, врз основа на мислењата што ги има од областа и од уставните експерти, дека начинот на којшто треба да се побара одговорност од членовите на Советот, е незаконски и неуставен.
„Јавноста и граѓаните ги оценуваат со најниска доверба. Ако ние мислиме да им угодиме на овие луѓе и да останат уште подолго таму за подлабоко да тонеме во политичкото мочуриште, заглавени во сето она коешто го направија во изминатиот период, затоа што имаме неколкумина што не постоеја до сега и сега наеднаш се вознемирени и се јавуваат на површината – таква намера немаме да правиме“,рече Мицкоски.