Мицкоски за блокадата: Сѐ е на маса, освен напуштање на парламентот


 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека на Извршниот комитет ќе се разговара за следните чекори на партијата околу блокадата, порачувајќи дека се е на маса освен напуштање на Собранието.

„Па, нели, според СДСМ и ДУИ нема блокада, ја совладале блокадата. Јас така знам, тие велат ја совладале блокадата и нема блокада и Собранието си функционира нормално, ама затоа секаде каде што одат по амбасади коленичат и цимолат дека ВМРО-ДПМНЕ им го блокирало Парламентот… Ние кажавме сѐ што е за интересот на граѓаните, се што е за интересот на народот, се што е за интересот на Македонија, повисоки плати, повисоки пензии, субвенции за земјоделците, помош за стопанството ќе го поддржиме. Сѐ она кое што цениме дека е спротивно на интересите на народот и граѓаните ќе го блокираме и така ќе се однесуваме во иднина“, рече Мицкоски.

„Ќе излеземе многу скоро со динамиката на активностите. Но, сѐ е на маса, само не е напуштање на парламентот, тоа задоволство нема да го има оваа власт, да го напуштиме парламентот за да можат од законот за марихуана па наваму сѐ да си поминат“, додаде тој.

На прашањето дали следен чекор се можни протести, Мицкоски не ја исклучи можноста.