Мицкоски за албанската азбука: Имаме обврска да градиме општество на еднакви граѓани

Вицепремиерот Изет Меџити го повика Уставниот суд да се занимава со права, а не со политика


Премиерот Христијан Мицкоски денеска се обрати на свечената седница по повод 22 Ноември – Ден на албанската азбука.

„Денес, со почит се собираме заедно да го одбележиме Денот на албанската азбука – симбол на образованието, културното богатство и напредокот на албанскиот народ. Овој ден, 22 ноември, нè потсетува на Конгресот во Битола, одржан во 1908 година. Таму, со мудрост и единство, интелектуалците донесоа одлука која ќе го трасира патот на албанскиот јазик кон иднината – создавањето на единствена и стандардизирана азбука. Оваа одлука не беше само лингвистичка; тоа беше акт на создавање на иднина и едно културно обележје.

Живееме во време на силна диверзификација на различности. Албанската заедница е дел од оваа мозаична слика. Наша заедничка обврска е да продолжиме да градиме општество во кое секој граѓанин, независно од етничката или јазичната припадност, ќе се чувствува рамноправен и ќе има можност да го даде својот придонес за заедничкото добро“, рече Мицкоски и додаде:

„Во овој дух, Денот на албанската азбука е потсетник за тоа како писменоста и образованието можат да бидат мостови меѓу луѓето. Не темите кои не разделуваат, не политичките барања на поединци кои многу години претходно се криеја позади народот кого го крадеа. Јасното фокусирање кон приоритетите, кон реалните потреби за образование, економија и напредок ни помагаат да ги надминеме разликите, да ги споделиме нашите вредности и да изградиме посилна, поединствена заедница. Воедно денешниот ден ќе го искористам да зборувам за двете основни вредности кои го обликуваат секое општество – писменоста и образованието. Тие се основата на нашиот индивидуален и колективен развој, алатките што ни овозможуваат да ги оствариме своите цели и да изградиме подобра иднина. Писменоста е првиот чекор кон слободата. Таа ни овозможува да комуницираме, да разбираме и да го изразуваме својот потенцијал. Таа е алатка за стекнување знаење, за развивање критичко размислување и за навигација низ светот. Но, писменоста не е само учење на буквите и бројките – таа е мост што нè поврзува со нашата култура, историја и со светот што нè опкружува. Образованието, пак, ја надградува писменоста и ни овозможува да го откриеме целиот спектар на можности што ни стојат на располагање. Преку образованието, ги учиме основните вредности на човештвото – толеранцијата, почитта и емпатијата. Ги развиваме нашите способности, ги отвораме вратите кон нови идеи и стекнуваме алатки за решавање на предизвиците“.

На настанот зборуваше и вицепремиерот Изет Меџити кој нагласи дека годинава  одбележувањето на Денот на албанската азбука не затекна среде жестока дебата за употреба на јазикот во официјална употреба.  Според него, таа дебата е намерно поттикната за да се дефокусира јавниот интерес и да се направат вештачки кризи таму каде што ги нема.

„Ниту едно добиено или спроведено право не може да се укине или ограничи бидејќи, ако сакаме луѓето да бидат третирани еднакво во мултиетнички општества, тогаш наша должност е да им обезбедиме или гарантираме уживање и остварување на стекнатите права и слободи“ – вели тој. 

Тој посочи дека Уставниот суд, наместо институција која треба да ги чува правата и слободите на граѓаните, се претвори во институција кон која сите фрлаат оган, гнев и стрели.

„Ние не сакаме ниту една институција во државата да има толку негативен углед и ги повикуваме сите институции да ја вршат својата работа во согласност со надлежностите. Очекувам Уставниот суд да се занимава со аспектите на човековите и граѓанските права и слободи и да не се впушта во политички размислувања за актуелни прашања и на тој начин да стане партија, наместо да остане непристрасен арбитер и подалеку од политички влијанија кога носи одлуки“ – заклучи Меџити.