Мицкоски во Вашингтон: Европејците ќе ми се налутат, но Венс е во право

Премиерот беше интервјуиран на сцената за време на конференцијата на американските конзервативци


 

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека американскиот потпретседател Џеј Ди Венс бил во право за она што го кажа на Минхенската безбедносна конференција, што предизвика гнев меѓу европските лидери и аналитичари. Премиерот во интервју на сцената на конференцијата на конзервативците ја критикуваше Европа, а модераторката забележа дека Мицкоски бил единствениот лидер од Европа кој ракоплескал на говорот на Венс.

Мицкоски беше интервјуиран од политичката коментаторка Кеј Ти Мекфарланд, која беше во тимот за безбедност во првиот мандат на Трамп. При претставувањето на Мицкоски таа на публиката ѝ рече: „можеби се прашувате кој е ова, од каде доаѓа и зошто токму тој“ и го претстави како премиер на Северна Македонија и како поддржувач на Доналд Трамп уште пред тој да биде избран за претседател на САД.

Според неговото мислење, говорот на Венс во Минхен бил историски настан. „Не велам дека сум во право, можеби некои европски политичари ќе ми се налутат, но тоа беше инспиративен говор. Важно е дека по говорот, некои од публиката го критикуваа Венс, а некои рекоа дека тоа било своевидно мешање во внатрешните работи на суверени држави, бидејќи потпретседателот Венс наведе многу примери кои не се во согласност со слободата на говорот, со демократијата, со нашите споделени вредности. Повторно ќе речам, мислам дека беше во право“, рече Мицкоски.

Мицкоски зборуваше за поддршката од Македонија и нејзината усогласеност со политиките на администрацијата на Доналд Трамп, за важноста на стратешкото партнество со САД, како и за улогата на земјата во борбата против илегалната миграција.

Мицкоски наведе дека Македонците во САД силно го поддржале реизборот на Трамп, како традиционални и семејно ориентирани гласачи. Мекфарланд забележа дека Мицкоски бил единствен меѓу европските лидери кој позитивно реагирал и аплаудирал за време на обраќањето на Џеј Ди Венс во Минхен. Говорот на Венс, во кој тој жестоко ги критикуваше европските земји, наиде на бура од негативни реакции меѓу американските сојузници во Европа.

На геополитички план, Мицкоски ја истакна важноста на Македонија за транспортните и енергетските коридори во Балканот. Тој беше прашан за зголемувањето на кинеското влијание во изградбата на регионалната инфраструктура.

„Во право сте кога ја спомнувате таканаречената кинеска економска инвазија на овој дел на Европа. Ние сме под силен финансиски притисок од таа земја, но мојата земја е единствениот дел од сложувалката кој им недостасува. Ние сме природен крстопат на два важни европски коридори, 8 и 10. Практично двата коридори се сечат на територијата на мојата татковина. Бидејќи ние сме стратешки партнери со САД, јас сум многу заинтересиран да поканам што е можно повеќе инвеститори – американските бизнисмени се веќе присутни во мојата земја – и можат да бидат силна конкуренција на огромните азиски компании во регионот“, изјави премиерот Мицкоски.