Мицкоски во светот ја „шири приказната за македонската судбина“


Христијан Мицкоски во Атлантскиот совет

 

Премиерот Христијан Мицкоски се пожали во Вашингтон дека Македонија на одреден начин е измамена затоа што не биле остварени ветувањата што ги даваа високи функционери на ЕУ пред промената на името и за влегувањето во НАТО и Унијата. Мицкоски зборуваше на настан во во Атлантскиот совет во Вашингтон посветен на иднината на транс-атлантските релации на Западен Балкан. Тој рече дека „фрустрациите помеѓу граѓаните на мојата земја се екстремно големи“.

Тој зборуваше за барањето за промена на уставот и дека тоа не гарантира извесност на евроинтегративниот пат. „Ние рековме ќе го завршиме ова, но кога ќе ги завршиме нашите преговори, затоа што се плашиме дека ова може да се претвори во бескрајна приказна и ќе следат нови и нови барања и никој не знае кога тоа ќе заврши’, нагласи тој.

„Кажете ми втор случај во Европа кој е барем од далеку сличен со нашиот, не зборувам за приближно сличен. Овој пат рековме, ако Pacta sunt servanda се применува за нас тогаш нека се применува за сите, ако ние испорачуваме тогаш очекуваме и другите да испорачаат“, рече Мицкоски.

Па во одреден фаталистички тон нагласи: „Затоа сега патувам нив светот сега да ја раширам приказната за македонската судбина, која е типичен пример за двојни стандарди“.

Премиерот Мицкоски посочи дека кога се зборува за европската иднина треба да се зборува за заеднички вредности, за вештачката интелигенција, за добрата животна средина, за економијата, за подобро образование, а не за нешто кое се случувало во средниот век.