Мицкоски во Берлин, писмото за одложени преговори остана дома
Премиерот Христијан Мицкоски, заедно со министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за европски прашања Орхан Муртезани, денес и утре се во посета на Берлин на состанокот на шефови на влади на земјите од Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес.
Покрај балканските лидери на состанокот ќе бидат германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Учесници на состанокот традиционално се и лидерите на земјите-поддржувачи на Западен Балкан – Австрија, Франција, Италија, Словенија, Хрватска, Велика Британија, Полска, а од 2019 година и Грција и Бугарија, како и ротирачкото претседателство со Советот на ЕУ, Советот за регионална соработка, ЦЕФТА и Регионалната младинска канцеларија (RYCO).
Од Бугарија на состанокот е техничкиот премиер Димитар Главчев со кој премиерот еднаш веќе порача дека нема намера да разговара бидејќи не е политички избран.
Мицкоски денешните разговори во рамки на иницијативата Берлински процес ги смета за клучни за подготовка на фамозното писмо што го најавува месец дена, а со кое наскоро ќе се обрати до институциите на ЕУ за да бара достоинствено решение без диктат за евроинтегративниот пат на Македонија. Викендов евроамбасадорот Димитрис Рокас не беше оптимист дека предлогот за одложени уставни измени ќе смени нешто во преговарачката рамка за Македонија, а од Бугарија, од претседателот Румен Радев стигна пораката дека Скопје и Софија веќе немаат што да преговараат бидејќи преговорите се завршени во 2022 година, а ако сака дијалог Мицкоски треба да се обрати во Европската унија. Тој исто така потенцираше дека Бугарија може да помогне во процесот за РСМ, за таа што побрзо да ги исполни условите и да тргне по европскиот пат.
„Сите овие нешта јас сум му ги објаснил многу добро на премиерот Виктор Орбан. И тука немаме потреба од никакво посредништво. Работите се јасни, едноставно РСМ треба да ги исполни овие барања поставени сега од ЕУ”, порача Радев, практично демантирајќи ги најавите дека ќе има некаква средба во Будимпешта меѓу него и Мицкоски на состанокот на Европската политичка заедница.
Сепак Мицкоски очекува денешните разговорите во Берлин да бидат клучни за подготовка на неговото писмо со кое ќе се обрати до институциите на ЕУ.
„Писмото е во подготовка. Во Берлин ќе разговарам со голем број од европските политичари и сакам пред да го испратам писмото и содржината, да имам уште малку повеќе јасна слика за тоа до каде можеме и што можеме да направиме“, најави премиерот.
Тој ја повтори пораката што ја даде по првата посета на Брисел и средбата со Урсула Фон дер Лајен, иако уште тогаш знаел дека во брисел нема оптимизам за тоа што го бара околу преговорите за членство.
„Сакам да потенцирам дека преку разни институционални канали ќе се обратам и ќе работам со Европската комисија и со нашите партнери за изнаоѓање на решение, кое ќе биде достоинствено и согласно со националните интереси, а диктати, да биде јасно – не прифаќам! За овој процес потребно е и разбирање од Унијата, која очекуваме да покаже еднаква верба во европската иднина на нашиот регион како што е и нашата верба. Македонија и нашите граѓани премногу дадоа и предолго се заложници на билатерални проблеми и барања. Не барам сочувства и изговори. Барам почит за мојот народ!“, рече Мицкоски.
Од првиот состанок утрово во Берлин Мицкоски се огласи на Фејсбук.
„Учествував во првата сесија од Берлинскиот процес посветена на регионалната соработка и заедничкиот регионален пазар, што е форма за поблиска соработка и операционализирање на стратегијата за економски развој на државите од Балканот. Ние мора да го пронајдеме нашиот интерес во отворање на нови можности и пазари за нашите компании, нови форми на соработка и обезбедување на посигурна иднина“, напиша премиерот. На фотографијата што ја прати до него седи претседавачот на ЕУ, Виктор Орбан.
Ова е десетта средба на лидерите на шесте земји од Западен Балкан со земјите партнери од иницијативата Берлински процес на кој досега главно се бегаше од межусебните спорови и политички прашања и акцент беше ставен на инфраструктурата и другите видови соработка.
Првата средба во рамките на Берлинскиот процес се одржа на 28 август 2014 година на иницијатива на тогашната германска канцеларка Ангела Меркел, со цел да ја поддржи и продлабочи економската интеграција на шесте земји од Западен Балкан – Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово, Албанија и Северна Македонија. Во фокусот на инцијативата е политичката поддршка на иницијативите за регионална соработка, на проектите за поврзување и за приближување на регионот кон вредностите и социо-економските стандарди на ЕУ. (Н.В.)