Мицкоски: Власта нѐ враќа во 1949-та


Фото: Б. Грданоски

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на денешната посета на Битола го коментираше случајот со приведувањето на актерот во Битолскиот театар, Васко Мавровски по пријава на министерката за култура поради пост на социјалните мрежи во кој, како што напиша самиот актер, критикувал но споменал продолжен кабел што, според министерката, го вознемирило нејзиното семејство. Според Мицкоски, луѓето од власта треба да сфатат дека кога се занимаваат со јавна дејност ќе бидат и предмет на критика и дека ако за изнесен став се затвораат луѓе, власта не враќа во 49-тата година.

„Не е првпат МВР така да постапува насилнички. Јас на дневна основа јавно, што од политичари, што од граѓани, сум жртва на такви статуси што повикуваат на линч, на физички пресметки на мене на моето семејство и досега еве две години не е постапувано. Луѓето треба да сфатат дека кога се занимаваат со јавна дејност дека ќе бидат предмет на критика. Не може секогаш да ве фалат и да велат дека сте најпаметни и дека најдобро работите, некогаш и логично е да ве критикуваат. Впрочем, тоа е плурализмот, демократијата и ако вака за изнесен став се затвораат луѓе се враќаме назад во 49-тата година. Тоа не се европските вредности кои што оваа влада ги промовира. Нели велат европски вредности, полна им е устата со Европа, а се однесуваат како дивјаци од минатиот век“, истакна Мицкоски.

Тој исто така изрази поддршка до актерот Мавровски и го охрабри секој граѓанин без да се грижи да го изрази својот став без разлика на кого се однесува критиката.

„Поддршка до Васко и поддршка до слободата на мислата. Секој граѓанин да не се грижи и да си го каже својот став, па нека биде тоа критика дали за ВМРО, за СДСМ, за ДУИ, слободно да го искажат ставот. Ова е веќе втора жртва на приведување на оваа насилничка полиција. Таков беше и случајот во Скопје со лицето кое што беше приведено под сомнеж дека ги испраќа оние мејлови со коишто се испраќаат закани за поставени бомби во училиштата во Скопје, па тоа беше поврзувано со ВМРО-ДПМНЕ, додека пак вистинските криминалци шетаат насекаде во Македонија, односно да бидам уште попрецизен се во коалиција со власта на СДСМ и ДУИ“, рече Мицкоски.

Васко Мавровски самиот објави на Фејсбук дека бил повикан на распит (а не приведен) во полиција по пријава на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

„Синоќа во 21,30 часот од страна на двајца полициски службеници бев повикан под итно да ја напуштам пробата во Народен театар – Битола за да ми биде врачен некаков документ. Иако за нас актерите пробата е свет чин бев приморан да го напуштам објектот. Пред влезот на Центарот за култура во период кога публиката ја напушташе кино проекцијата полицијата ми даде да потпишам покана за информативен разговор во полициската станица со напомена дека веднаш треба да бидам спроведен. По кратко натегање прифатија сам да се пријавам во рок од 20 минути. Заедно со мојот адвокат се пријавив во полициската станица и ми беше соопштено дека министерката за култура во полициската станица во Кисела Вода пријавила дека таа и нејзиното семејство чувствуваат дека нивниот живот е загрозен поради споменувањето на „продолжен кабел“ во мој пост на фејсбук неколку часа претходно. После 40 минути распит и давање на изјава од моја страна бев ослободен од страна на полицискиот службеник“, напиша Мавровски.

Инаку во постот на актерот стоеше:
„Вот а факТ министерке? Еве на четириесет и некоја дознав дека квалитетот на културните настани се мери со заштеда на електрична енергија. Дали ваквите неадекватни изјави се должат на нивото на ПМ радиоактивни вдишани честици од воздухот во Битола или блискиот контакт со гранде шефо на РЕК-о Васко Ковачевски, од кој очекувам во скоро време на сите ‘штедачи’ по метро и пол продолжен кабел да ви подари (повеќенаменски)?
Бисера Костадиновска-Стојчевска претстава НОЌЕ без светло не се игра! Еве еден факт и од мене, гратис“.