Мицкоски: Верата, традицијата и моралните вредности се од непроценливо значење


Премиерот Христијан Мицкоски, кој го славеше Велигден во Охрид, испрати честитка до сите верници во Македонија. 

„Во овие свети денови на Христовото Воскресение, дозволете ми да Ви упатам искрени честитки во мое лично име и во името на Владата.Воскресението на нашиот Спасител е вечен симбол на победата на животот над смртта, на светлината над темнината. Нека оваа Пасха донесе духовна радост, мир и благослов во секое македонско семејство.

Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија е столб на нашата духовност и национален идентитет.Вашата улога во зачувување на верата, традицијата и моралните вредности е од непроценливо значење за нашето општество.

Во време на брзи општествени промени, технолошки напредок и глобален притисок врз традиционалните вредности, Владата останува посветена на заштитата на корените на нашето општество и на создавање услови во кои семејството, моралот, воспитувањето и духовноста ќе бидат зајакнати.

Живееме во тешки времиња на предизвици и искушенија, и сум целосно свесен дека многу наши граѓани ги мачат истите проблеми и грижи. Сакам да биде подвлечено дека ние, сите заедно мора да работиме за напредокот и благосостојбата на секој еден човек, и тој пат да обезбедиме иднина не е воопшто лесен, но јас сум цврсто и непоколебливо решен заедно да го изодиме до целта. Заедно да ги менуваме работите, да се бориме против несигурноста, против ударите кои треба да не поколебаат, и да застанеме позади вредностите во кои веруваме. На тој пат вербата во Бог и грижата за ближниот не се само лична определба, туку темел на едно силно и одговорно општество. Нека светлината на Воскресението биде водилка во нашите заеднички напори за изградба на праведно и хумано општество.Бог да ја чува Македонија“, порача Мицкоски во честитката.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, порача дека денешниот празник дава сила и носи надеж за нови и подобри почетоци, за справување со предизвиците.

„На сите христијани од православната и католичката вероисповед им го честитам денешниот голем празник, Воскресение Христово – Велигден. Нека овој ден донесе многу здравје, среќа и хармонија во секој дом. Велигден е празник кој ни дава сила и носи надеж за нови и подобри почетоци, за справување со предизвиците. Симболиката на Велигден кој ја слави победата на животот над смртта, носи силна порака за важноста на меѓусебното почитување и грижа. Токму овие вредности се основата за создавање на подобро општество за сите, преку добри дела и посветеност“, порача Филипче.

Секој од нас во себе има сила да придонесе да ја направи оваа земја подобра, а заедно можеме да постигнеме многу, се додава во честитката.

„На овој голем празник, да имаме мир и спокој во душите, а добрината и мудроста да бидат нашиот патоказ кон подобра иднина. Христос воскресна, навистина воскресна, за многу години Велигден“, порача Филипче во велигденската честитика.

Претседателот на Собранието  Африм Гаши  порача дека во овие светли денови на радост и духовна обновеност, Велигденската порака е порака на надеж и обнова.

„Овој значаен празник е можност повторно да се потсетиме дека заедничките вредности како што се меѓусебното почитување, солидарноста и човечката добрина се суштински за напредокот на секое општество, се наведува во честитката. Како граѓани на нашата заедничка татковина, се додава, нашата должност е заеднички да градиме мостови на разбирање, хармонија и мир, кои ќе бидат цврст темел за просперитетна и стабилна иднина. -Нека овие велигденски денови бидат исполнети со семејна среќа, лична радост и заеднички спокој, поттикнувајќи нè да се соочуваме со сите предизвици преку позитивни примери и меѓусебна поддршка. На сите вас, драги пријатели, ви посакувам мир, добро здравје и благосостојба, и да го поминете Велигден во топлина и љубов со вашите најблиски. Честит Велигден“, стои во честитката од претседателот на Собранието Африм Гаши.

Честитка до верниците испрати и  Демократската унија за интеграција.

„Велигден е симбол на надежта, животот и победата на светлината над темнината. Тоа е ден што нѐ обединува околу универзалните вредности на љубов, солидарност и прошка.

Во духот на заедништвото, ДУИ изразува почит кон сите христијански заедници во нашата земја, кои се нераскинлив дел од нашата мултиетничка држава.Им посакуваме мирен и благословен празник, исполнет со духовна радост, здравје и хармонија во семејствата“, поерачаа од ДУИ.