Мицкоски уверува дека Владата е стабилна

Владата функционира обединето и единствено. Мнозинството е стабилно и има чиста двотретинска поддршка во рамките на македонското Собрание, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Прашан за информациите дека Арбен Таравари ќе ја напушти коалицијата Вреди, Мицкоски рече дека во јавноста има многу информации, и ќе се воздржи од било какви коментари.
Во однос на обвинувањата од ДУИ, Мицкоски порача дека „колку повеќе функционери од ДУИ се фатени во криминал додека ги вршеле функциите во минатото, толку повеќе ќе заострува нивната реторика “.
– Работиме и докажавме дека работиме неселективно и така и ќе продолжиме. За оваа Влада, на сите речиси 26 илјади квадратни километри, секој еден квадратен километар е важен, без разлика дали таму живеат Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и останати. Без разлика, дале е градоначалник од Вреди, ВМРО-ДПМНЕ или ЗНАМ, или ДУИ, од СДСМ или некој независен, нашиот интерес се граѓаните, изјави Мицкоски.
Изјавата на Али Ахмети дека Албанците во земјава биле деградирани, Мицкоски ја оцени како беспредметна, бидејќи, како што рече, оваа Влада има толку многу успеси за сите граѓани.
– Ние не ги делиме така граѓаните. Имаме мултиетничко општество, кое што треба да го негуваме и треба во таа насока и да продолжиме. Ние ги делиме граѓаните на оние кои се лојални, чесни и додаваат вредност, кои што ги почитуваат законите и Уставот и оние кои што не ги почитуваат и треба да одговораат пред истите тие закони и Устав. Нема тука етнички или политички поделби, нагласи Мицкоски.
Според него ДУИ се уплашени оти треба да одговараат, па ги делат граѓаните. Им порача да се посветат на џогингот и зелената агенда, но остава на нив да одлучат.
„Јас би ги повикал да се вратат на зелената агенда што ја промовираа пред неколку години, кога џогираа на падините на скопско Водно, можеби при таков еден џогинг, ќе им се разбистри умот и ќе дадат една квалитетна идеја“, рече Мицкоски.