Мицкоски: Уставни измени во овој парламентарен состав нема да има

Уставни измени во овој состав на парламентот нема да има затоа што тој нема да работи под, условно кажано, бугарски диктат. Договорот го преговараа и го договараа и покрај тоа што понудивме помош во тој преговарачки процес. Ако се сеќавате по таа моја прес конференција, мислам дека беше април-мај, бев одбиен од страна на владата на ДУИ, поддржана од СДСМ со изговор дека не им е потребна помош. Преговараа и договораа анекс на договорот за пријателство и добрососедство, а притоа не можат да го исполнат тоа што го договорија бидејќи очигледно е дека тие услови што во минатото важеа, во овој пратенички состав нема да важат и нема да бидат исполнети.
Ова го порача денес лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој исто така порача дека никој политичар во Македонија не треба повеќе да размислува за било какви национални отстапки кои што се поврзани во било какви уставни измени во Македонија.
-Никој на овој народ не истапи од тие бирократи во Брисел и не му гарантира ниту идентитет, нити пак посебност, нити традиција, нити историја, нити јазик, ништо. И повторно не тераат да правиме национални отстапки без дополнителни гаранции, без јасни гаранции. Никој жив политичар во Македонија не треба повеќе да размислува за било какви национални отстапки кои што се поврзани во било какви уставни измени во Македонија, додаде Мицкоски.
Тој исто така ги повика властите „да престанат со аматеризам аналфабетизам и егзебиционизам“, а за се што е во заштита на македонските национални интереси ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи, ќе застане во првите редови.
„Мојата порака до бугарските политичари е да се посветат на подобрување на стандардот во нивната Бугарија место да градат кампања на тој кој повеќе ја мрази и кој повеќе плука по Македонија и по Македонците. Затоа што изминативе 30 години за 30 % е намален бројот на жители во Бугарија. Не случајно тие бегаат од Бугарија и покрај тоа што е земја членка на ЕУ“, порача Мицкоски.