Мицкоски уште чека Бугарија да попушти, тоа ќе му го каже на Кошта утре

На претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, кој утре ќе биде во посета на земјава, ќе му бидат пренесени ставовите за уставните измени, кои се јасни и непроменети, вели премиерот Христијан Мицкоски во пресрет на утрешната посета на високиот европски претставник на земјава.
„Нашите ставови се јасни во врска со уставните измени, тука нема промена, затоа што од другата страна ние не гледаме, барем во овој момент, некаков сигнал дека има промена во однесувањето односно од страната на нашиот источен сосед. Јас жалам што е тоа така и се надевам дека во периодот којшто следи повеќе ќе зборуваме за решенија отколку за проблеми“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во врска со утрешната посета на Кошта.
Премиерот рече дека по утрешната посета на претседателот на Советот на ЕУ, тој ќе го придружува на летот од Скопје до Тирана каде што Кошта ќе биде домаќин на вечера за лидерите на земјите од Западен Балкан. Во петок, пак, заедно ќе учествуваат на состанок на Европската политичка заедница во Тирана.
Утрешната посета на Скопје на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, е во рамки на овонеделната турнеја низ земјите од Западен Балкан. Во пресрет на турнејата, тој порача дека доаѓа за да разговара со лидерите од Западен Балкан за да им покаже дека ЕУ е подготвена да им помогне во однос на предизвиците кои ги имаат.