Мицкоски: Украденото мора да се врати на народот
Борбата против корупцијата не е слоган туку цврста определба, порача денес премиерот Христијан Мицкоски на конституирањето на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот. Според Мицкоски, не е доволно само да се покрене кривична постапка за корупција и организиран криминал туку треба и да се надомести штетата, а формирањето на ова тело треба да постави основа потстапките за одземање на нелегално стекнат имот да се одвиваат брзо, без простор за манипулации и без одлагања.
За да ја илустрира решеноста за пресметка со високата корупција, премиерот соопшти дека во моментов се отворени 50 вакви предмети.
„ Оваа Влада ја почна борбата против криминалот и корупцијата не со декларации, туку со дела. Во моментот се обработуваат повеќе од педесет случаи за висока корупција. Случаи што со години беа прикривани, одложувани или игнорирани. Но, ова не е крај, туку почеток. Очекуваме отворање нови случаи, темелни истраги и резултати што ќе ја вратат довербата на граѓаните во државата и во институциите. Сакам да кажам гласно и јасно: нема селективна правда, нема заштитени, нема недопирливи “, тврдеше Мицкоски, посочувајќи дека овој процес подразбира јакнење и на судството и обвинитлствата кадровски и институционално.
„Борбата не завршува со кривична постапка туку со враќање на незаконски стекнатиот имот. Украденото мора да се врати на народот“, порача Мицкоски најавувајќи финансиски истраги не само во земјата, туку и во странство преку соработка со меѓународни партнери. Тој исто така посочи дека одземените стретства ќе бидат реупотребени во социјални цели и со нив ќе се создава нова општествена вредност.
Овој Совет, под водство на потпретседателот на Владата задолжен за политиките за добро владеење, потенцира тој, има клучна улога во координацијата, надзорот и стратешкото насочување на сите овие процеси.
„ Од вас очекувам професионалност, храброст и интегритет, но пред се резултатите се на прво место. Денеска ги поставуваме темелите за систем во кој правдата не е декларација, туку пракса, во кој борбата против корупцијата не е политички слоган, туку државна политика и во кој институциите работат во интерес на граѓаните, а не во заштита на поединците. Ова е борба за правна држава, ова е битка за доверба. Ова е борба за достоинството на граѓаните и ние нема да се откажеме од таа борба“, вели премиерот Мицкоски.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска објави дека во 2024 година имало 24 финансиски истраги, додека лани нивниот број нараснал значително, на 58 со кои се опфатени 400 физички лица и 95 правни лица. Од нив 33 веќе биле завршени и со судска мерка е обезбедено одземање на 33 милиони денари имот.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, откри дека борбата против криминалот во 2025 година резултирала со огромен прилив во државната каса. Преку ефикасна конфискација на нелегално стекнат имот, во буџетот се слеале над 452 милиони денари.
„Ова е доказ дека системот функционира. Принципот ‘следи ги парите’ веќе не е исклучок, туку станува стандард во нашите истраги. Нашата порака е јасна – криминалот не е исплатлив“, истакна Тошковски.
Одговорен за ова тело е министерот за добро владеење Арбен Фетаи. Латиф Арифи, национален координатор во владата на Македонија, изјави дека Фетаи, како прв Албанец на чело на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот, испраќа јасна порака дека борбата против корупцијата не е церемонијална, туку директен удар врз богатството и неговите корени.
Тој нагласи дека овој развој претставува сериозен удар во системот каде што со години владата ги штити недопирливите, подвлекувајќи дека преку овој процес се воспоставува јасна линија помеѓу компромисот и интегритетот.

Фетаи порача дека оваа конститутивна седница на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот претставува пресвртница во третманот на борбата против организираниот криминал и корупцијата.
„ Овој совет не е создаден за да додаде само уште една структура, туку да воспостави политички правец и да се определи меѓуинституционална соработка, таму каде спроведувањето беше фрагментирано. Формирањето на овој Совет во септември 2025 година и денешната седница претставуваат директен одговор кон една јасна институционална определба – нормативниот процес секако постои, но потребни се конкретни, силни резултати, нешто што бара силна координација и постојан политички надзор“, рече Фетаи.
Според него, Националната стратегија за зајакнување на капацитетот за спроведување финансиски истраги и конфискација на имот 2025 – 2028 година и Акцискиот план од 2025 – 2026 година нуди јасна рамка и е во согласност со европските стандарди.
„ Темелите се поставени, но следната фаза налага политичка волја, повеќе инвестиции и токму заради овие причини се основа овој совет. Неговата улога не е да ги замени оперативните институции, туку да обезбеди тие институции да дејствуваат во таа насока со јасно дефинирани цели и со мерлива одговорност. Овој Национален совет има многу важна улога и одговорност да обезбеди силна политичка поддршка и отчет. Нашата улога не е оперативна улога во овој Совет, туку претставува политичка улога, каде што треба да дефинираме јасно приоритети, да ги отстраниме системските пречки и да обезбедиме финансиски ресурси да ги следат политиките и редовно да бараме резултати“, рече Фетаи.
Како вицепремиер и претседавач со овој Совет, Фетаи го смета за клучен форум за премин од, како што рече, институционална какофонија кон задолжително дејствување меѓу институциите.