Мицкоски тврди дека „СДСМ пропушта историска шанса“ што не ги прифаќа неговите предлози


Фото: Б. Грданоски

 

Шест дена по лидерската средба работите меѓу двете водечки партии изгледаат подалечни отколку што беа на прес-конференцијата во Клубот на пратениците. Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, повторно употребувајќи ја својата омилена синтагма од последно време за „посипување и расфрлање со пердуви“, изјави дека чекал одговор од СДСМ на еден од двата предлози што му ги дал на премиерот.

„Ние чекаме одговор. Непродуктивно и бесцелно е да се продолжи со какви било разговори или работни групи, ако тие не се сложуваат за предлозите кои ги дадовме. Ние ќе почекаме уште некој ден. Наместо да трошат енергија на посипување пердуви, нека имаат суштински состаноци и нека излезат со став“, рече Христијан Мицкоски во разговор за Дојче веле.

Тој го повторува неговите понуди за Димитар Ковачевски: „Она што го понудив е промена на околностите, заштита на националните интереси и европска интеграција. Првиот предлог кој го дадов е преодна влада без ДУИ, измени кои ќе стапат во сила со завршување на преговорите и членството на државата во ЕУ. Вториот предлог е избори, гаранции за националниот идентитет и јазик, економски пакет и заштита на Македонците во Бугарија преку спроведување на пресудите на судот за човекови права во Стразбур“. Според него, поентата не била  ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт во некаква широка влада, туку да се изгради процес и пакт за национално единство.

Како би се добил економски пакет од ЕУ, а и Бугарија да се натера да ги спроведува одлуките на Судот во Стразбур, не изгледа јасно. Како што не изгледа јасно ни како може ЕУ да ја промени преговарачката рамка и уставните измени да важат пред самиот влез на Mакедонија во Унијата.

Поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и припадник на тнр. интелектуално крило на партијата, Александар Спасеновски, вели дека исклучувањето на ДУИ од власта, што го бара Мицкоски, „не е полезно за стабилноста на државата и за евентуално полесно и подобро надминување на политичките предизвици со коишто се соочуваме во моментов“.

Во разговор за Радио Слободна Европа, Спасеноски, кој сега е професор по уставно право на Правниот факултет, вели дека од технички аспект нема проблем уставните измени да имаат одложено дејство, но од политички аспект е судир со реалноста во политиката – државата презела меѓународни обврски, според кои уставните измени треба да се реализираат меѓу првата и втората меѓувладина конференција.

Спасеновски нагласува дека шансите да се променат ваквите одредби од преговарачката рамка се минимални и дека македонската држава, политичките елити, политичките партии немаат капацитет да променат политичка одлука на ЕУ. Што е спротивно на предлогот на Мицкоски за кој тој бара изнајснување од СДСМ.