Мицкоски со синовите на натпревар во Будимпешта, го поканил Орбан
Со поздрав „Вечна Македонија“ премиерот отиде да гледа натпревар на Португалија со Унгарија

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва на својот инстаграм-профил објави дека отпатувал во Будимпешта со своите синови Јован и Антониј. Таму ќе останат два дена, а утре ќе го следат фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Португалија и Унгарија во рамки на квалификациите за Светското првенство 2026.
„Ретко сме заедно, уште поретко имам прилика да ја исполнам нивната желба. Овој пат ден поминат со Јован и Антониј. Заедно тројцата во Будимпешта, му ветив на Антониј дека ќе го гледаме Роналдо, а утре Португалија ѝ гостува на Унгарија во Будимпешта. На поканата на мојот драг пријател Виктор Орбан го имам задоволството да ги поминам овие два дена со Јован и Антониј во Будимпешта“,објкави Мицкоски на Инстаграм.
Мицкоски во објавата додава дека ќе се врати в среда, на 10 септември и ќе присуствува на настан кај актуелниот градоначалник на Гази Баба, Бобан Стефковски, кој е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за втор градоначалнички мандат.