Мицкоски со нова тирада против Левица за нејзиното „фамозно богатење“


 

Купуваат чевли секој месец во различни бои, па и облека, возат луксузни автомобили… што се случува со „фамозното богатење на Левица“, го праша премиерот Христијан Мицкоски пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Бети Стаменкоска-Трајкоска на денешната седница за пратенички прашања.

Премиерот со подготвени податоци од разни инспекциски служи и од други институции повторно (како и на минатата седница за пратенички прашања) упати една жестока тирада против Левица, како да е негов главен политички противник, поврзана со купувањето на деловен простор во центарот на Скопје. Пратениците на левица не беа во салата, но можеа да ја слушнат таа тирада на нови информации преку телевизискиот пренос. Какви нови обвинувања изнесе Мицкоски? Еве дел од нив:

Покажувајќи фотографии од објектот Мицкоски рече во истиот тој локал е регистрирано и друштво за угостителство и услуги.

„На ова место, кое не ќе да е подрум, над земја три-четири метри е регистриран локал, односно друштво за угостителство и услуги ‘Павилјон 36’. Регистриран е на истата адреса каде што се наоѓа подрумот или сутеренот. Кога малку ќе истражите и ќе ја извадите тековната состојба, покрај тоа што уплатиле 5000 евра во кеш за регистрирање на ова друштво за угостителство и услуги, се јавува како сопственик лицето Зоран Ивановски. Тој се јавува како управител, како менаџер и ја регистрирал оваа фирма, која се занимава со дејност ресторани, но и дејности на интернетски портали“, рече премиерот.

Според него, „Ивановски е дел од претседателството од Левица и е дел од управниот одбор на скопски ‘Водовод’“.

Податоците за Зоран Ивановски се поинакви од оние што ги претстави премиерот. Прво, Левица нема претседателство во раководната структура, туку президиум (тоа во основа е исто, само терминолошки различно). Но, Зоран Ивановски не е член на президиумот на Левица, во кој се сите шест пратеници на партијата, плус Александар Симонов. Зоран Иваноски (а не Ивановски) е лицето кое е член на Централниот комитет на Левица.

Потоа, Мицкоски ги поврза  членовите на Левица со случајот на убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски и сведочењата на процесот против Љупчо Палевски и другите обвинети.

„Ако ги слушате последните искази од случајот поврзан со Палевски и сведочењата таму, ќе слушнете дека тие се среќавале во штабот на партијата Десна, којшто бил во објектот ‘Опера хаус’, а објектот ‘Опера хаус’ е токму овој објект“, рече Мицкоски. За другите детали немало да зборува, но во иднина ќе разговарал и за патните трошоци на Левица и колку зеле нејзините пратеници.